Француските научници планираат да ги тестираат никотинските фластери на пациенти кои се заразени со коронавирус и здравствените работници кои се на „првата борбена линија“, откако новата студија покажала дека пушачите можат да бидат помалку изложени на ризик да се заразат со ковид-19.
Студијата направена во голема болница во Париз сугерира дека супстанциите во тутунот – можеби никотинот – потенцијално можат да спречат пациентите кои пушат да се инфицираат со ковид-19, пишува вчера „Гардијан“.
Клиничките испитувања на никотинските фластери чекаат одобрување од француските здравствени власти. Научниците, сепак, строго инсистирале на тоа дека ова истражување никако не смее да ги поттикнува населението на пушење, кое носи други потенцијално фатални ризици по здравјето и убива 50 отсто од пушачите.
Иако никотинот можеби навистина може да ги заштити оние кои го консумираат да се заразат од коронавирусот, но од друга страна, пушачите кои ќе се заразат со ковид-19 често развиваат посериозни симптоми поради токсичните дејства на никотинскиот чадот на белите дробови, велат научниците.
Така што студијата ќе се прави само во насока да се изолираат супстанциите кои ќе помогнат во развивање на медикаменти.
Тимот во болницата Пити-Салпетрие испитала 480 пациенти кои биле позитивни на вирусот, од кои 350 биле хоспитализирани , додека остатокот со помалку сериозни симптоми биле пуштени на домашно лекување.
Утврдено е дека од оние кои биле примени во болницата, на возраст од 65 години, само 4,4 отсто биле пушачи. Меѓу оние кои биле пратени на домашно лекување, со просечна возраст од 44 години, пушачи биле 5,3 отсто.