ФРАНЦУСКИ ГРАНТ ОД 600.000 ЕВРА ЗА ДИГИТАЛИЗАЦИЈА НА ПРЕНОСНАТА МРЕЖА ЗА СТРУЈА Потпишан договорот за реализација на проектот

Проектот е фокусиран на четири клучни области: изработка на студии за адекватност на системот со користење на пазарниот симулатор ANTARES, димензионирање на системските резерви, воспоставување методологија за пресметка на преносни загуби и изработка на студија за изводливост, како и подготовка на концептуален дизајн за дигитализација на трафостаница.

63

Македонскиот преносен систем (МЕПСО) доби грант од 600.000 евра од Француската агенција за развој со кој ќе ја унапредува, модернизира и дигитализира преносната мрежа за електрична енергија.

Грантот овозможува насочена техничка помош за унапредување, модернизација и дигитализација на преносната мрежа – суштински чекори за обезбедување стабилно снабдување со електрична енергија, намалување на техничките загуби, зголемување на ефикасноста на системот и подготовка на МЕПСО за растечкиот удел на обновливи извори и интеграцијата на регионалниот пазар.






Проектот е фокусиран на четири клучни области: изработка на студии за адекватност на системот со користење на пазарниот симулатор ANTARES, димензионирање на системските резерви, воспоставување методологија за пресметка на преносни загуби и изработка на студија за изводливост, како и подготовка на концептуален дизајн за дигитализација на трафостаница.

– Пилот-проектот за дигитализација, фокусиран на развој на целосно дигитална трафостаница со напредни системи за заштита, управување и надзор, претставува конкретен чекор кон трансформација на МЕПСО во попаметен, поефикасен и ориентиран кон иднината оператор на преносниот систем рече генералниот директор на МЕПСО Бурим Љатифи по потпишувањето на договорот.

Заменик- директорот на  Канцеларијата на AFD за Западен Балкан и Франсоа Винс подвлече дека овој нов договор ја илустрира континуираната посветеност на AFD кон модернизација на преносната мрежа во Северна Македонија.

Тој додаде дека оваа соработка е дел од посилната заложба на AFD за поддршка на македонските партнери, и со задоволство ја искористи оваа прилика да го најави отворањето на локалната канцеларија на AFD во Скопје, која ќе ја претставува Мелани Малинво.

На настанот присуствуваа  министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, амбасадорот на Франција во земјава Кристоф Ле Ригољер и  Вероника Милевски, извршна директорка на RTE International.

Во своето обраќање Божиновска ја нагласи важноста на ова партнерство за изградба на современ и отпорен енергетски систем.

–  Оваа поддршка е значајна за граѓаните и стопанството. Понапредна и попаметна мрежа значи помалку прекини, подобро искористување на чиста енергија, посилни регионални врски и поголема отпорност на системот – без разлика дали станува збор за временски услови, флуктуации на побарувачката или пазарна нестабилност – рече Божиновска.

Вероника Милевски, извршна директорка на RTE International, изјави дека проектот претставува значаен чекор напред за енергетскиот сектор на Северна Македонија – обединувајќи ја националната амбиција, регионалната соработка и европското партнерство.

– Договорот обединува напредно моделирање на електроенергетскиот систем, иновативно предвидување на резервите со користење на вештачка интелигенција и пилот-проект за дигитализација на трафостаница од 110 kV – одлучувачки чекор кон поотпорна, потранспарентна и поконкурентна електроенергетска мрежа -рече Милевски.

Амбасадорот на Франција Ле Риголер, нагласи дека овој договор претставува уште еден чекор напред во продлабочувањето на партнерството меѓу Франција и Северна Македонија.

Во рамките на проектот, експерти од RTE International – подружница на францускиот оператор на преносниот систем RTE – веќе одржаа обуки за инженерите на МЕПСО за користење на симулаторот ANTARES, со што се унапредуваат нивните технички и аналитички капацитети за поефикасно управување со системот во сè подинамичен електроенергетски пазар.

Проектот ќе продолжи со нови активности за градење капацитети и техничка поддршка, со што ќе се овозможи примена на напредни технологии и аналитички модели за управување со преносниот електроенергетски систем на Северна Македонија.

Поврзани содржини