Франција откри прв случај со ковид-19 од декември

382

Пациент дијагностициран со пневмонија во близина на Париз на 27 декември, всушност, имал коронавирус, изјави неговиот лекар, пишува Би-би-си.

Д-р Ив Коен за француските медиуми изјави дека брисoт што се земал во тоа време, кој неодамна бил тестиран, бил позитивен за ковид-19.






Пациентот, маж во педесеттите години, кој оттогаш целосно се опоравил, изјавил дека немал идеја каде го фатил вирусот затоа што не бил во ниту една заразена област. Оваа вест значи дека вирусот можеби е пристигнат во Франција скоро еден месец порано отколку што се сметаше претходно.

Досега, првите три случаи на коронавирус во земјата се потврдени на 24 јануари. Од нив, двајца беа од Вухан, Кина, каде за прв пат беше откриена епидемијата, а третиот беше близок член на семејството.

Д-р Коен изјави дека неодамна ги преиспитал досиејата на пациенти примени со симптоми на грип во декември и во јануари. Вкупно тестирал брисеви на 14 пациенти, но само еден бил позитивен.

– Од 14 пациенти, еден бил тестиран позитивен. Го тестиравме уште двапати за да се осигураме дека нема грешка. И двапати, тој се врати позитивен – вели докторот.

Заболениот ги заразил двете свои деца, а неговата сопруга немала никакви симптоми. Таа работела во супермаркет во близина на аеродромот „Шарл де Гол“ и можеби била во контакт со лица кои допатувале од Кина.

Д-р Коен рече дека ја алармирал Националната здравствена агенција (АРС) и ги повикува другите виролози повторно да ги тестираат брисевите во нивните болници на ковид-19.

Поврзани содржини