ФРАНЦИЈА ИМА ЖЕЛБА ДА ПОМОГНЕ Маричиќ открива за разговорите на Макрон со Радев, Петков и Ковачевски
Вицепремиерот, во интервју за Клик плус на ТВ 21, истакна дека потребно е лидерство од страна на Европската Унија и реакција со цел тоа ниво на ентузијазам да се одржи и зголемува во наредниот период.
Треба да се стави јасно до знаење дека почнувањето на преговори е стратешки интерес за Европската Унија, не само за нас, изјави вечерва вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.
Вицепремиерот, во интервју за Клик плус на ТВ 21, истакна дека потребно е лидерство од страна на Европската Унија и реакција со цел тоа ниво на ентузијазам да се одржи и зголемува во наредниот период.
Маричиќ исто така оцени и дека притисокот или желбата на САД и Европската Унија оди во насока на тоа дека нема време за чекање.
– Чекањето не може да донесе ништо добро, што е точно, и чекањето не може да ја подобри ситуацијата или условите за договор – вели Маричиќ.
Тој потсети дека минатата недела францускиот претседател Емануел Макрон имаше телефонски разговори со бугарскиот претседател Румен Радев и со премиерите Кирил Петков и Димитар Ковачевски и оти тоа биле корисни разговори со што се покажал и интерес и желба од Франција да помогне.
Маричиќ во таа насока посочи дека се забележува зголеменото француско присуство во регионот и кај нас, што, според него, е добро бидејќи доколку претседавачот со ЕУ не е убеден во процесот, тогаш тешко дека ќе напредува дискусијата и на ниво на Унијата.
– Добро е што Франција учествува и прави иницијативи да ни помогне. Досега сите предлози што биле на маса, почнувајќи од германското претседателство, па и португалското, беа искористени и се користени во текот на разговорите, рече Маричиќ.
Вицепремиерот додаде дека португалскиот предлог за нас е прифатлив и нешто што Северна Македонија сметаше дека е фер решение.
Вицепремиерот за европски прашања посочи дека опозицијата барала предвремени избори бидејќи на тој начин ја покривала својата безидејност и неспособност на нивните градоначалници да испорачаат било што за граѓаните.
– Тотално е против интересите на граѓаните и државата да се бараат или пак да се организираат избори во таква најкризна година, кога сите држави гледаат како да излезат – вели Маричиќ.