ФРАНЦИЈА ЌЕ ИСПРАТИ ВОЕН БРОД, АВИОНИ И УШТЕ ВОЈНИЦИ НА ГРЕНЛАНД Макрон пред војската зборуваше за појава на нов колонијализам

Францускиот претседател Емануел Макрон вели дека денес Европа има конкуренти што не ги очекувала и дека живееме во свет каде што силите на дестабилизација се разбудија.

118

Франција наскоро ќе испрати воен брод, авиони и дополнителни војници во Гренланд, најави денеска францускиот претседател Емануел Макрон.

Иако во своите изјави не се осврна директно на заканите на американскиот претседател Доналд Трамп за преземање на територијата на Гренланд, Макрон предупреди на појава на „нов колонијализам“ и на изјави што „сеат сомнеж, дури и меѓу сојузниците“.






Макрон ги даде овие забелешки во својот годишен новогодишен говор пред припадниците на француските вооружени сили, нагласувајќи дека мал број француски војници веќе се испратени во Гренланд, на барање на Данска. Таму тие се здружија со војниците од Норвешка, Шведска и Германија.

– Нашите војници ќе бидат дополнително зајакнати во наредните денови со копнени, морски и со воздушни сили – рече Макрон.

Тој не даде детали, но, според достапните информации, барем еден француски воен брод и неколку авиони веќе се на пат кон Северниот Атлантик.

Макрон рече дека соодветната улога на Франција е да биде „заедно со суверената држава, за да ја заштити нејзината територија“.

Иако овие распоредувања официјално се претставени како сигнал за подготвеноста на НАТО да го брани Гренланд од потенцијални закани од Русија или од Кина, другите изјави на Макрон силно сугерираат дека военото засилување е одговор на американските закани.

– Нов колонијализам е на дело на некои места. Постои дискурс што сее сомнеж, дури и меѓу сојузниците – рече Макрон.

Тој додаде дека денес Европа има „конкуренти што не ги очекувала“ и дека живееме во свет каде што „силите на дестабилизација се разбудија“.

Француските претставници истакнаа дека Париз не очекува неговите сили да бидат нападнати од сојузниците на САД во рамките на НАТО. Целта на распоредувањето не е воена конфронтација, туку политички и симболичен ефект.

Според француските претставници, распоредувањето на силитена Гренланд е насочено кон јавното мислење во Соединетите Држави, а особено во рамките на вооружените сили на САД.

Минималното европско воено присуство, признаваат француските претставници, не би можело да го брани Гренланд од американски напад. Но, европските земји се надеваат дека таков потег би можел да го принуди американскиот претседател Доналд Трамп да ги преиспита своите ставови и да ги зајакне оние гласови во САД кои веќе го осудија неговиот агресивен јазик кон сојузниците.

Поврзани содржини