ФРАНЦИЈА ЌЕ ГО СЛЕДИ ПРИМЕРОТ НА САД СО БАЛОГУН?! Париз размислува да побара да се поништи жолтиот картон на Олисе

Откако ФИФА ја укина суспензијата на американскиот напаѓач Фоларин Балогун, сега и Французите тргнаа по истата патека. Париз официјално бара да биде избришан жолтиот картон на Мајкл Олисе пред четвртфиналето со Мароко.

0

Лавината што ја отвори контроверзната одлука во случајот „Балогун“ доби ново продолжение. Фудбалската федерација на Франција размислува да побара од ФИФА да биде поништен жолтиот картон што Мајкл Олисе го доби против Парагвај во осминафиналето на Мундијалот, пишуваат Ле Паризиен и Л’Екип.

Французите сметаат дека опомената била престрога и дека судијата погрешно ја проценил ситуацијата во самиот финиш од натпреварот.






Спорниот дуел во судиското продолжение

Олисе беше санкциониран во седмата минута од судиското надополнување по дуел со играчот на Парагвај, Матијас Галарза. Според француската страна, фудбалерот на Баерн го повлекол противникот за дрес, но немало никаков удар што би оправдал ваква реакција.

Галарза паднал на тревата држејќи се за лицето, а узбекистанскиот судија Илгиз Танташев веднаш му покажал жолт картон на Олисе.

Страв од суспензија пред полуфиналето

Причината за жалбата е едноставна. Доколку Олисе заработи уште една јавна опомена во четвртфиналниот дуел со Мароко, автоматски ќе го пропушти евентуалното полуфинале.

Во францускиот табор сметаат дека ризикот е преголем за картон што, според нив, не требало ни да биде покажан.

Доколку мине без нов жолт картон против Мароко, опасноста ќе исчезне бидејќи опомените се бришат пред полуфиналната фаза.

Нова главоболка за ФИФА

Барањето доаѓа само еден ден откако светскиот фудбал беше потресен од случајот со американскиот напаѓач Фоларин Балогун.

ФИФА ја преиначи неговата автоматска суспензија и му дозволи настап за САД, иако претходно доби директен црвен картон против Босна и Херцеговина.

Одлуката предизвика остри реакции од УЕФА, која оцени дека е помината „црвената линија“ и дека интегритетот на натпреварувањето е доведен во прашање.

Сега, откако една санкција веќе беше преиспитана, Французите очигледно веруваат дека вреди да се обидат и со случајот на Олисе.

Поврзани содржини