Франција ќе биде внимателен партнер, не отстапува од бараните реформи, порача новиот амбасадор
Новата стратегија за земјите од Западен Балкан, посакувана и донесена од страна на претседателот на Република Франција е потврда за желбата која постои за зближување во една поширока рамка, рече новоименуваниот амбасадор на Француската Република, Сирил Бомгартнер.
Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Француската Република, Сирил Бомгартнер.
– Мојата мисија почнува во нов суштински момент, тоа е патот на интеграцијата на Северна Македонија во Европската Унија. Франција ја поддржува оваа перспектива, која стана уште појасна благодарение на донесените храбри политички одлуки. Целта за влез во Европската Унија претставува стратешки приоритет. За новиот период, кој е пред нас, имајќи обновена рамка, ќе бидат неопходни и реформи. Барајќи ја поддршката од сите сили во општеството, ќе се одлучува за реформите кои ќе треба да се спроведат и кои ќе треба да ги дадат своите резултати. Франција ќе биде внимателен и добронамерен партнер, искрен и пријателски. На конкретен план, ќе се обиде да помогне со европски и билатерални средства – рече Бомгартнер во обраќањето пред Пендаровски.
Тој напомена дека оваа стратешка цел претставува заеднички приоритет затоа што не станува збор само за проширување, туку за обединување на европското семејство, меѓу членови кои споделуваат исти вредности.
– Новата стратегија за земјите од Западен Балкан, посакувана и донесена од страна на претседателот на Република Франција е потврда за желбата која постои за зближување во една поширока рамка. Станува збор за историска определба но и за сосема легитимни национални интереси. Новите реформи кои се очекувани, ќе придонесат и за економски развој на Северна Македонија, кон кој Франција има желба да го даде својот придонес, но и ќе помогнат за зајакнување на националното единство, што Вие го гарантирате – додаде Бомгартнер.