ФОТОВОЛТАИЦИ ВО УЧИЛИШТАТА И ВО ГРАДИНКИТЕ ВО АЕРОДОРОМ Муцунски беше сериозен кога најави дека Аеродром ќе биде Еко-дром
Сите осум основни училишта и дел од градинките на територијата на општина Аеродром ќе добијат фотовиолтаици. Но, тоа е само почеток на реализацијата на проектот „Еко-дром“, најавува градоначалникот.
Градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски, денеска заедно со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, го почнаа новиот проект – поставување фотоволтаици во сите основни училишта, но и на дел од градинките на територија на Општина Аеродром. Тие се обратија пред основното училиште „Александар Македонски“ во Ново Лисиче.
– Се поставуваат фотоволтаици во сите осум основни училишта и во дел од градинките на територијата на општина Аеродром, што ќе помогне да се зголеми енергетската ефикасност, како и снабдувањето со електрична енергија – рече градоначалникот Муцунски.
Тој објасни дека има намера во наредниот период со овој проект да се опфатат сите градинки, но и други јавни објекти што треба да се градат на територијата на општината, а кои се од капитално значење.
– Претходната недела потпишавме договор со Европската Унија, вреден над 800.000 евра, во делот на селекција на отпад, каде што очекуваме Аеродром да стане пионер во областа на селекција на отпад. Тоа значи дека сериозно работиме на реализација на проекти поврзани со заштита на животната средина, користење обновливи извори на енергија и со тоа да го направиме Аеродром модерна општина каква што заслужува да биде – рече Муцунски, чие предизборно ветување насловено како „Еко-дром“ беше акцент да се става на еколошки решенија.