ФОТОНАПОНСКАТА ЦЕНТРАЛА ВО ОСЛОМЕЈ Е ВЕЌЕ ГОТОВА Ќе обезбеди струја за 2.800 домаќинства
Според најавата, фотонапонската централа треба да биде пуштена во работа на почетокот на следниот месец.
Поранешните наоѓалишта на јаглен во РЕК „Осломеј“ за неколку месеци треба да бидат покриени со 10 мегаватна фотоволтаична електрана. Вкупното годишно производство од оваа фотоволтаица ќе изнесува 15-17 гигават часови, доволни за потребите на околу 2.800 домаќинства, истакна премиерот Зоран Заев, кој во придружба на генералниот директор на ЕСМ Васко Ковачевски, ја посети локацијата.
Според најавата, фотонапонската централа треба да биде пуштена во работа на почетокот на следниот месец.
– Со изградбата на оваа фотонапонска електрана се започнува со процесот на енергетска транзиција на РЕК „Осломеј“ и кичевскиот регион. ЕСМ во моментот работи на нова студија за уште една ваква електрана од 10 мегавати. Во јуни се потпишаа и договорите за изградба на две фотонапонски електрани од по 50 мегавати со што комплетно 120 мегавати од Осломеј на јаглен ќе се заменат со 120 мегавати фотонапонски електрани. Ова е првата енергетска транзиција на електрана на јаглен во чиста енергија, во регионот – рече Заев.
Фотонапонската централа ја поставуваат „Фортис енерџи“ од Турција и „Солар про“ од Бугарија кои се приватни партнери на ЕСМ во инвестицијата. Тие ќе му исплаќаат на ЕСМ надоместок за јавното приватно партнерство во износ соодветен на 18 и 18,5 отсто од произведената електрична енергија за час.
– Пресметките покажуваат дека заработка на државата би се движела околу 1,5 милиони евра годишно. Дополнително инвеститорите имаат обврска да земат по еден вработен по мегават односно 100 вработени од Осломеј за трајно да ги обезбедиме тие наши сограѓани. Во моментот се прави студија за праведна транзиција, во која треба да бидат направени сите анализи за можностите и иднината на постојните вработено. Ова е показател дека се грижиме за сите и дека се бара решение за сите – рече Заев.
Со поставување на фотоволтаични панели над 15 хектари на постојниот рудник во околината на РЕК „Осломеј“ се врши рекултивација на земјиштето кое е од големо значење за околината.
Изградбата на Фотонапонската електрана„Осломеј“, е почеток на иницијативата со која значително ќе се зголеми производството на електрична енергија од обновливи извори, особено од сонцето, и првите киловати електрична енергија од фотоволтаичната електрана од 10 мегавати, инсталирана на површина на сегашната Термоелектрана „Осломеј“, се очекуваат да протечат во наредните неколку месеци.
– На врвот сме меѓу шампионите во регионот по раст на обновливи извори на енергија. Само за минатата година го зголемивме производството на енергија од обновливи извори на 827 мегавати, што претставува раст од 10,1 отсто и е во рамки на светскиот просек на зголемување од 10,3 отсто, според извештајот на „Балкан грин енерџи њуз“, потенцира Заев.
Генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски нагласи дека изградбата на Фотонапонската електрана „Осломеј“ е почеток на иницијативата со која значително ќе се зголеми производството на електрична енергија од обновливи извори, особено од сонцето.
– Термоелектраната „Осломеј“ не беше во редовна работа со години и сега во делот каде што е завршена експлоатацијата на јагленот се почна со инвестиции што ќе бидат не само во интерес на енергетскиот сектор на нашата држава, туку и во интерес на сите граѓани што живеат во Кичево и околината, рече Ковачевски.
Тој додаде дека веќе се преземени активности за селектирање на потребните кадри од РЕК „Осломеј“ и нивна преквалификација за работа во фотонапонската електрана, како и за потребите на поголемата фотонапонска електрана од 100 мегавати која ќе се гради како јавно-приватно партнерство, со што, посочи, освен посветеноста на зголемување на процентот на зелената енергија во нашиот енергетски биланс, АД ЕСМ се грижи и за социјалната компонента при енергетската транзиција