(ФОТО) УДРИ НАРОДЕ НА БАГАТЕЛА ОВОШЈЕ И ЗЕЛЕНЧУК, ОВА СО КАМШИКОТ ЌЕ ТРАЕ ДУР ТРАЕ! Маркетите и пиљарите ги замрзнаа цените, но не и сите продавачи на пазарите
На рафтовите на маркетите и на пиљарите осамнаа новите цени на некои видови зеленчук и овошје - бананите, црвениот домат и карфиолот 70 денари, свежите краставици и гравот 75 денари, кромидот и мандарините 60 денари, портокалите и лимоните 55 денари, а најскапи од „замрзнатите“ се свежите зелени - 90 денари за килограм. Купувачите се радосни, но продавачите се загрижени. Ова не може да трае долго, трговците се во големи загуби.
Утрово поголемите синџири маркети, како и пиљарите, но и малите маалски продавнички, ја спроведоа одлуката на владата за замрзнување на цените на одредени видови овошје и зеленчук.
Па така, на рафтовите еден килограм црвен домат се продаваше по цена од 70 денари, исто колку и бананите. Свежите краставици чинеа 75 денари за килограм. Килограм кромид се може да се купи за 60 денари. Портокалите и лимоните се 55 денари, гравот 75 денари, мандарините 60 денари, карфиолот 70 денари, додека свежите зелени пиперки 90 денари за килограм.
Ова ново замрзнување на цените предизвика голем револт кај трговците на мало, бидејќи како што велат тие, со овие цени тие работат со загуба.
– Моравме да ги промениме цените, бидејќи ако дојде инспекција може да нѐ казни и толку од бизнисот со кој ги храниме семејствата. Во моментов го продаваме тоа што го имаме купено по повисоки цени и веќе сме во загуба, но откако ќе продадеме сѐ, искрено немам намера да одам да набавувам нова стока, бидејќи таму каде што ги купувам овие производи, набавните цени се значително повисоки од малопродажните и ние ќе треба да работиме со загуба – вели сопственик на пиљара во скопската населба Аеродором.
Тој се надева на резултат од најавената средба меѓу претставници на владата и трговците кои работат на големо, на која треба да се најде конкретно решение на проблемот. Зашто, како што пишуваше вчера Плусинфо, со набавни цени повисоки од малопродажните трговците, едноставно, не можат да издржат.
Во неформален разговор со неколку вработени во поголемите маркети, каде што одредени видови овошје и зеленчук се продаваат по замрзнати цени, дознавме дека од менаџментите добиле упатство уште пред отворање на маркетите да ги променат цените, во случај да не дојдат инспектори и да не заработат казни. Никој не сака да коментира што ќе се случува понатаму.
И граѓаните со кои поразговаравме се со поделени мислења. Едни велат дека е добро што цените се значително намалени од претходно, па сега можат да си дозволат да купат овошје и зеленчук. Но, други велат дека мерката е многу задоцнета, затоа што требало да биде претходно воведена, кога цените биле пониски.
– Тежок е животот кај нас во моментов. Цените на производите растат, а платите и пензиите стагнираат. Задоцнети се мерките, но ајде барем се тешиме дека ќе можеме претстојните празници да ги прославиме со малку побогата трпеза – ни рече една повозрасна госпоѓа.
На некои зелени пазари, но и кај дивите продавачи кои се лоцирани пред пазарите и пред поголемите маркети, „мразот“ попушта и разликата во цената на одредени производи е значително поголема. Па така, еден килограм краставици кај нив се продава по цена од 120 денари за килограм, гравот и натаму чини од 150 до 200 денари, а доматите од 120 до 180 денари. Само некои од овошјата се многу блиску до максималната цена која ја одреди владата, но тоа е така затоа што и набавната цена е не многу различна од продажната.
– Знаеме за одлуката на владата за замрзнатите цени, но како јас да продавам пример краставици по цена од 75 денари кога ги имам купено за 90 денари по килограм? Нема тука никаква математика. Може ли некој да ни каже како да ги покриеме трошоците што ги имаме, за тезгата, за гориво и слично? Подобро да затвориме, па кога ќе се реши овој проблем, тогаш повторно да почнеме да работиме. Ние тука седиме по 10 до 12 часа, на студено и на топло, никој нѐ не прашува како ни е, а ние сепак мораме да преживееме некако. Работиме за парче леб, нека не мислат дека ние сме некои профитери, бидејќи одиме со 5 до 10 денари заработка по килограм, зависно од производот – вели закупец на тезга на еден од скопските пазари.
Друг закупец на тезга ни открива дека проблемот според него е кај трговците на големо, бидејќи како што ни кажа, тие краставицата, на пример, ја купуваат по 60 денари за килограм, а цената за оданочување што ја пријавуваат е околу 30 денари, со цел да платат помалку данок. Властите ги гледаат тие фактури и велат – аха, овој увезува по цена од 30 денари, а продава по двојно повисока цена. Тоа не е реално, тврди закупецот.
При посетата на еден од поголемите маркети затекнавме инспектори од Државниот пазарен инспекторат, кои вршеа проверка дали цените на производите на рафтовите се исти со оние кои ги донесе владата во текот на вчерашниот ден. Откако им се претставивме и побаравме да ни кажат колку маркети досега посетиле, дали некаде забележале нерегуларности и дали имаат изречено казни, тие одбија да ни дадат одговор, упатувајќи не кај нивните претпоставени.
Се обидовме да стапиме во контакт со директорот на Државниот и пазарен инспекторат, Горан Трајковски, од кого сѐ уште чекаме изјава.