(ФОТО) „ЗЕМЈОТРЕСОТ Е ПОУКА ДА БИДЕМЕ СПЛОТЕНИ“ Поминаа 60 години од природната катастрофа во Скопје
Одбележувањето на овој ден е многу важен, бидејќи како што рече Џафери, тој треба да биде водилка и потсетник за важноста на сплотеноста и единството со цел помагање на немоќните. Ковачевски, пак, истакна дека помошта која пристигнала за градот Скопје е потсетник за значењето на солидарноста во најтешките денови.
Делегации од државниот врв, од Градот Скопје, како и амбасадори во земјава оддадоа почит на жртвите од скопскиот земјотрес во 1963 година, кога загинаа повеќе од 1000 граѓани.
Претседателот на државата Стево Пендаровски положи цвеќе пред Споменикот на жртвите од земјотресот, на Градските гробишта Бутел во Скопје.
Делегација на Град Скопје, предводена од градоначалничката Данела Арсовска, положи цвеќе пред споменикот подигнат во сеќавање на жртвите од катастрофалниот земјотрес.
„Овој ден засекогаш ќе биде врежан во колективната меморија на скопјани, на овој ден тие се сеќаваат на жртвите, но и искажуваат благодарност на сите оние што учествувале во спасувањето на животи од под урнатините. Скопје никогаш нема да ја заборави хуманоста која ја покажа светот и на овој ден изразува благодарност кон сите оние народи и држави кои помогнале градот повторно да се изгради. Скопје памети, а скопјани се благодарни на помошта, хуманоста и солидарноста. Никогаш нашиот град нема да ја заборави подадената рака, секогаш ќе биде поддршка и ќе пружи помош кога таа ќе биде некому потребна“, велат од Град Скопје.
Премиерот Димитар Ковачевски денеска се обрати на свечената седница во Собранието на Македонија по повод шеесетгодишнината од катастрофалниот земјотрес.
– Денеска Скопје одбележува 60 години од катастрофалниот земјотрес, кој во не толку далечната 1963 година градот го срамни со земја, оставајќи бројни жртви и последици. Шеесет години незаборав и длабока лузна во нашите срца за изгубените животи на кои денеска им оддаваме должна почит. Шеесет години тажни спомени на една слика и едно време, препознатливо по својата уникатност по која и денес се копнее. Во нашата колективна меморија вечно ќе остане врежан 26 јули, кога точно во 5 часот и 17 минути, разорниот земјотрес го погоди нашиот главен град, a трагата која ја остави беа бројни загинати, повредени и илјадници без покрив над главата – рече премиерот.
Скопје денес, како што рече тој, стана симбол на светската солидарност, сплотеност и огромната пожртвуваност на сите оние кои помогнаа да се изгради градот кој доби нов архитектонски изглед.
– Скопје денес е познат како град на солидарноста, и тоа дефинитивно не е само фраза. Град на солидарноста е кодот на Скопје. Речиси секој дел, зграда, улица во Скопје е споменик на солидарноста. Над 80 земји оставиле толку многу зад себе. Тафталиџе, Маџари, Ѓорче, Козле, Центар засекогаш ќе се сеќаваат на долгите списоци на објекти, училишта, поликлиники, станови, бараки, детски градинки подарок од целиот свет. Музејот на современата уметност каде се наоѓаат делата на големите Пикасо, Вазарели, Лубарда и голем број други, кои на разрушениот град, како подарок, му ги испратија своите дела – подвлече Ковачевски.
Според него, катастрофалниот скопски земјотрес кој е длабоко врежан во нашето минато, за нас е поука и порака да продолжиме сплотени да го чуваме и градиме нашето општество врз темелите на солидарноста, пожртвуваноста и заедништвото.
– Да градиме општество базирано на демократски вредности, на грижа за другиот, емпатија и хуманост, вредности кои ќе ги пренесеме и на генерациите кои следат. Скопје е нашиот главен град. Да го негуваме и чуваме и да се грижиме за него и за нашата држава како што тоа го правеле и предците пред нас, а ќе продолжат генерациите по нас – порача Ковачевски.
Лидерот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски потсети дека нема да се заборават вредностите кои Скопје го прават посебно и уникатно.
„Денес Скопје се сеќава за разорниот земјотрес. Над илјада згаснати животи и над три илјади повредени. 60 години потоа Скопје и понатаму опстојува со сите свои недостатоци и предности. Да не заборавиме на вредностите кои Скопје го прават посебно и уникатно. Солидарноста, душата на градот, способноста пак да никне дури и при најсилните удари и потреси. Да се потсетиме не само на моментите кога Скопје дошло до работ, туку и на силата која Скопје го направила пак да се издигне. Скопје кое е радост, обединето и силно“, напиша Мицкоски на Фејсбук.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери посочи дека по земјотресот повеќе не било важно кој на која нација ѝ припаѓа, која политичка идеологија ја следи и на кој бог се моли. Рече дека не било важно ниту тоа дали давањето поддршка ќе биде од интерес или не на конкретната држава.
– Веста одекнала и се раширила многу брзо и Скопје станало местото кон кое се насочило целото внимание на хуманиот и демократски свет, кој што без двоумење ги презел сите неопходни мерки што ги имал на располагање, за да одговори најбрзо и најефективно што може на болниот крик на погоденото Скопје. Се активирал Меѓународниот црвен крст кој што упатил апел до сите национални организации. Интерпарламентарната унија упатила препорака до сите парламенти и влади да помогнат во обновата на градот а Организацијата на обединетите нации веднаш по катастрофата презела активности за плански и долгорочно да му се помогне на разурнатиот град. Со еден збор, се активирала интернационалната солидарност и пред сѐ, човечноста и човечката свест и совест – порача Џафери.
Додаде дека тоа бил ден за Скопје и ден кој што останал забележан.
– Скопје ги спои околу една цел луѓето, институциите, меѓународните организации и воопшто човештвото. Тоа го стави Скопје на пиедесталот како град – симбол на солидарноста, епитет на кој што сите ние се сеќаваме со должна почит, затоа што во секој агол на овој убав град наидуваме на дело кое е потсетник на интернационалната солидарност и потсетник за сите нас за тоа колку сме слаби и немоќни кога сме сами. Потсетник за тоа колку значи подадена рака, понудена помош, топло засолнште и оброк во време кога си изгубил сѐ и си останал сосема сам со својот гол живот – истакна Џафери.
Според него, одбележувањето на овој ден е многу важно, бидејќи треба да биде водилка и потсетник за важноста на сплотеноста и единството со цел помагање на немоќните.
– Природните катастрофи се случуваат во разни облици. Пожарите беснеат и уништуваат огромни површини на земјината топка. Поплавите го земаат постојано својот данок поради неодговорноста на луѓето. Ураганите, цунамите земаат сѐ пред себе и оставаат пустош од сништа и неостварени желби поради насилно изгубени животи. И, згора на сѐ, светот се соочи и со пандемијата на корона, која го покажа своето грдо лице во секој аспект. Потклекнаа економски, здравствени системи. Човештвото падна на колена. И повторно, солидарноста, соработката и сплотеноста околу крајната цел, придонесе во намалување на ефектот на короната. Успеавме, затоа што бевме заедно! И, ќе продолжиме да бидеме и понатака градот на солидарноста, градот кој што никна од пепелта и стана споменик на хуманоста – подвлече Џафери.