(ФОТО) ГЕРИЛА АКЦИЈА НА ЛЕВИЦА ВО ПАРКОТ „УКРАИНА“ ВО ЧАИР Градоначалникот и украинската амбасада го осудија вандалскиот чин
Оценуваме дека ова е исклучително низок чин кон мирољубива вредност како што е паркот „Украина“ што го промовиравме пред неколку недели заедно со Украинската амбасада во земјава, реагираше градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу.
Градоначалникот на општина Чаир, украинската амбасада и невладината организација ЦИВИЛ реагираа на вандализирањето на таблата на паркот „Украина“ во скопски Чаир од членови на политичката партија Левица кои пак, вчера објавија видео од нивната герила акција со која врз натписот залепиле црвен натпис „АСНОМ“ кое според нив треба да го врати старото името на паркот кој бил парк на народните херои во време кога, според нив, „антифашистичката борба е цензурирана“.
Градоначалникот Висар Ганиу подоцна на Фесјбук објави слика од таблата ишарана со црвена боја и напиша:
„Општина Чаир и јас како нејзин градоначалник најостро го осудуваме вандалскиот чин на таблата со името Парк Украина која се наоѓа на нашата територија, поточно во близина на општинскиот објект.
Оценуваме дека ова е исклучително низок чин кон мирољубива вредност како што е паркот „Украина“ што го промовиравме пред неколку недели заедно со Украинската амбасада во земјава.
Предметниот случај веќе го пријавивме до органите на редот и бараме што поскоро да се откријат сторителите и да ја добијат заслужената казна“, напиша Ганиу на Фејсбук страницата.
Од невладината ЦИВИЛ реагираат дека ова е груба злоупотреба на светлиот поим АСНОМ.
„Не е случаен изборот на локацијата и името на паркот, бидејќи Левица не ја кријат својата поддршка и приврзаност кон нивниот идол, воениот злосторник и диктатор Путин“, стои во нивната реакција.