Формула за „фашистичкото минато“ во спорот со Бугарија
Денешните Бугари, доколку се вистински модерни Европејци, треба да прифатат дека Македонците не се сметаат себеси за Бугари. Како и фактот дека тие имаат право на свое толкување на историјата.
Кога бугарските и македонските политичари би се запознале со историјата на германско-полското пријателство, тие би согледале дека врвниот принцип во процесот што започна со Договорот за пријателство и со формирањето на мешовитата македонско-бугарска комисија мораше да биде ригорозното почитување на „билатералноста“. А тоа значи дека меѓусебните проблеми не смеат да се „инструментализираат“ во друг политички контекст. На пример, во евроинтеграцискиот процес на Македонија. Ветото од Бугарија е драстично прекршување на принципот на „билатералноста”. Бугарите и Македонците ги имаат европските алатки на билатералноста: Договорот за пријателство и мешовитата комисија. Ако бугарската политика стане свесна за овој контекст, таа би требало да го повлече ветото и својот Меморандум до ЕУ. Затоа што посакуваното приближување на Бугарите и Македонците не е возможно додека тој процес е блокиран. Тоа може да се случи само во ЕУ-контекст. Тогаш сите контроверзни прашања би можеле да се разгледуваат на подолг рок и во дух на меѓусебно почитување.
Кои се полезните сознанија за овој процес од односите меѓу Германија и Полска? Најнапред сознанието дека за пријателство е потребна позитивна политичка клима. Полско-германското надминување на историските трауми започна во времето кога Полска беше уште членка на Варшавскиот пакт, со храброста на Вили Брант да ги потпише 1970-тата „Договорите со Истокот“ – со Полска и со Советскиот сојуз. Во истиот миг тој и симболично ја потврди својата искрена желба за мир, паѓајќи на колена во името на целиот германски народ пред споменикот во Варшавското гето. Тој чин не е само историски. Тој е симболот на пријателството помеѓу Полјаците и Германците. Две години подоцна, полската делегација во УНЕСКО се договори со своите германски колеги, предводени од славниот Георг Екерт, да се формира мешовита комисија за ревизија на учебниците. Таа комисија работи до ден-денес. Која е поуката од тоа за македонските и бугарските политичари? Дека тој процес ќе биде долг и тежок.
Секако, никој не бара од балканските политичари преку ноќ да станат слични на Вили Брант. Но Борис Борисов и Зоран Заев можеа барем да паднат на колена пред гробот на Гоце Делчев, за да покажат почит кон неговото револуционерно дело, кое има поинакво значење во бугарски и во македонски контекст. Тоа ќе станеше видлив симбол за европскиот начин на посматрање на личностите од минатото: тие легитимно смеат да припаѓаат не само на еден народ и само на едно историско паметење. Еден полски дипломат рече уште во седумдесеттите дека „повредената национална гордост сама по себе не е политичка категорија, но може да предизвика политички последици“. Кога бугарската министерка за надворешни работи инсистираше дека Македонците треба да „признаат” дека имаат „бугарски” корени, таа не ја поседуваше мудроста на полскиот колега. Таа грубо ја повреди националната гордост на Македонците, но и принципот на европското почитување на националниот идентитет и на националниот јазик. Да не се почитуваше овој принцип во ЕУ, тогаш никогаш не ќе се надминеше сложената историја меѓу Полјаците и Германците. Една полска поговорка од 16-от век вели дека „додека постои светот, Германците и Полјаците нема да станат браќа“. Уште пред Првата светска војна во полската перцепција на Германија таа ги „германизирала“ Полјаците со силата на стапот. Уште потрауматично е полското историско паметење од Втората светска војна.