Формиран оддел за пост-ковид рехабилитација на пациенти
Процесот на рехабилитација се спроведува согласно најновите протоколи за рехабилитација на пост-ковид пациенти од страна на тим од специјалист физијатар, специјалист интернист и физиотерапевти со долгогодишно работно искуство, кои за секој пациент пристапуваат индивидуално, согласно функционалната состојба на пациентот.
Поради долгорочните последици кои ги остава инфекцијата со коронавирусот и заради се поголемата потреба за рехабилитација на пациентите кои прележале ковид-19, Институтот за физикална медицина и рехабилитација подготви еден оддел кој е наменет за пациенти за пост-ковид рехабилитација, соопшти Министерството за здравство.
Процесот на рехабилитација се спроведува согласно најновите протоколи за рехабилитација на пост-ковид пациенти од страна на тим од специјалист физијатар, специјалист интернист и физиотерапевти со долгогодишно работно искуство, кои за секој пациент пристапуваат индивидуално, согласно функционалната состојба на пациентот.
– Рехабилитацијата на овие пациенти трае различно, во зависност од тежината на клиничката слика и последиците кои болеста ги оставила кај пациентот, но во просек од 2 до 4 недели. Најголемиот дел од пациентите покажуваат значително подобрување на респираторната функција, олеснување на анксиозноста и депресијата, намалување на компликациите, намалување на попреченоста, побрза вертикализација и оспособување за побрзо и поефективно враќање кон секојдневните животни функции – истака д-р Маја Манолева, директорка на Институтот за физикална медицина и рехабилитација.
Пациентите кои биле лекувани во домашни услови или се веќе испишани од инфективните одделенија, но сѐ уште чувствуваат слабост и имаат проблеми со компликациите од болеста можат да се јават на преглед во Институтот преку Мој термин, но и преку амбулантите во установата, со цел да бидат упатени за понатамошна амбулантска или болничка рехабилитација.
Дополнително, Институтот веќе е во комуникација и со дел од општите болници низ државата за пренесување на искуствата и едукација на кадарот од тие болници со цел нивно понатамошно вклучување за рехабилитација на овие пациенти.
Досега, Институтот имаше само индивидуални барања од страна на пациенти кои се третираа амбулантски, но од неодамна оваа јавно здравствена установа во соработка со Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби од Скопје и ГОБ „8 Септември“ започна со организиран болнички пристап за рехабилитација на пациенти кои прележале ковид-19 и согласно тоа, заедно со специјалисти инфектолози од Клиниката и болницата, Институтот веќе спроведува конзилијарни прегледи од страна на специјалисти физијатри.