ФОРМИРАЛ ДИВА ДЕПОНИЈА ВО СРЦЕТО НА КИЧЕВО Кривична за директорот на „Комуналец“ и четворица вработени
Незаконското складирање на отпад било документирано од Државниот инспекторат за животна средина, кој изготвил записник по извршен надзор, а полицијата дополнително ги фатила четворицата вработени „на дело“.
Кривична пријава против директорот на Јавното комунално претпријатие „Комуналец“ од Кичево, З.Ј. (49), и уште четворица вработени, поради сомнение дека свесно го загрозиле здравјето на граѓаните и ја уништиле животната средина.
Како што информира МВР, директорот З.Ј. од село Горно Строгомиште, во периодот од 2020 година до денес, сторил две продолжени кривични дела: „несовесно работење во службата“ и „загрозување на животната средина и природата со отпадни материи“, при што без дозвола и спротивно на законските регулативи, формирал дива депонија на неколку илјади квадратни метри во густо населен дел од градот.
Истата кривична пријава ја добиле и четворица вработени во претпријатието – Б.Б. (49) од село Грешница, С.А. (49), Д.Ј. (56) и Ф.Т. (62), сите од Кичево, поради сомнение дека директно учествувале во складирање и истурање отпад на оваа нелегална локација.
– Формирањето на дивата депонија е извршено на државно земјиште, без одлука од Советот на Општина Кичево, без градежна дозвола, без елаборат за заштита на животната средина и без добиена интегрирана еколошка дозвола – информираат од Министерството за внатрешни работи.
Незаконското складирање на отпад било документирано од Државниот инспекторат за животна средина, кој изготвил записник по извршен надзор, а полицијата дополнително ги фатила четворицата вработени „на дело“.
– На 4 јуни 2025 година, нашите службеници на лице место ги затекнаа пријавените вработени додека со специјални комунални возила истураа отпад во дивата депонија – рекоа од СВР Охрид.
Од полицијата најавуваат дека случајот ќе го истражат до крај, а одговорноста за вакви постапки, кои директно го загрозуваат јавниот интерес и здравјето на граѓаните, ќе биде процесуирана пред надлежното Обвинителство.