ФОРЕНЗИЧКИТЕ ИЗВЕШТАИ ОД ВЕШТАЧЕЊЕТО ЗА ПОЖАРОТ ВО МОДУЛАРНАТА СЕ ПРИ КРАЈ Заев чека час поскоро да бида објавени за да пресече за оставките
Животот продолжува, политичарите се во кампања, се случуваат секојдневни активности. Ред е да се објави тој извештај за да можам и јас да го кажам својот став по повод понудените оставки, вели Заев.
Форензичките извештаи и анализите на вештачењето за пожарот во модуларната болница во Тетово се при крај, изјави денеска премиерот Зоран Заев, кој очекува тие да бидат објавени час поскоро.
– Колку е поскоро, толку подобро, за да ги решиме сите дилеми. Животот продолжува, политичарите се во кампања, се случуваат секојдневни активности. Ред е да се објави тој извештај за да можам и јас да го кажам својот став по повод понудените оставки од министерот, заменик-министерот…., рече Заев, одговарајќи на новинарско прашање по промоцијата на новите деловни простории на „Пивара“ Скопје.
Пожарот во модуларната болница во Тетово избувна на 8 септември и во него загинаа 14 лица, а 12 беа повредени. По пожарот, оставки понудија министерот за здравство, неговиот заменик и двајцата директори на Тетовската болница. Во истрагата, покрај домашните истражни органи, се вклучија и германски експерти.