ФОНДОТ ЗА ИНОВАЦИИ ЗАМИНУВА ВО ИСТОРИЈАТА ЗАТОА ШТО БИЛ ДУВЛО ЗА КРИМИНАЛ Исплатени се милиони евра за нереализирани проекти

Оваа недела ќе има и нови кривични пријави, за различни проекти што никогаш не се реализирале, а биле исплаќани и се надевам дека Обвинителството ќе постапува поажурно, вели министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.

1,407

Фондот за иновации и технолошки развој ќе биде затворен во текот на оваа година, најави министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски. Тој рече дека неколку претходни раководства на Фондот за иновации работеле криминално и направиле бројни финансиски злоупотреби и криминали, за кои се поднесени и се поднесуваат кривични пријави.

– Се покажа дека Фондот за иновации со сите негови претходни директори во последните 6 години работел многу криминално. Неколку милиони евра штета се во прашање. Оваа недела ќе има и нови кривични пријави, за различни проекти што никогаш не се реализирале, а биле исплаќани. Се надевам дека Обвинителството ќе постапува поажурно – рече министерот Андоновски во гостување на Телма.






Тој додаде дека Фондот за иновации го изгуби кредибилитетот поради лицата што го раководеле, а кои давале пари за непостоечки иновации. Министерот потенцира дека ФИТР е оценет негативно и во ревизорските извештаи.

– За жал, Фондот за иновации го изгуби кредибилитетот кај граѓаните и ако ние отвориме нова програма утре во Фондот, луѓето ќе речат, вие сте исти како претходните. Како што претходните делеа пари за хулахопки, за пица рецепти, за небинарен тоалет, така и вие сега ќе давате за некои нови. Тоа не можеме да го дозволиме – рече Андоновски.

Министерот додаде дека планот е постапно Фондот да се затвори, а надлежностите да ги преземат Министерството за дигитална трансформација, Министерството за образование и други соодветни институции.

– Идејата е Фондот да се затвори и тоа ќе се случи во текот на 2025 година. Надлежностите во поглед на технолошкиот развој ќе ги преземат институциите кои што се соодветни на тоа, делот за дигиталните иновации ќе ги преземе  нашето министерство, а научните проекти и иновации Министерството за образование. Планот за тоа ќе биде постапен – рече Андоновски.

Тој го повика актуелното раководство на ФИТР да работи уште понапорно на ревизијата, соцел да се открие сè што се случувало внатре.

– Кога ќе го исчистиме процесот од овој неквалитет и криминал што му се случува на ФИТР, ќе имаме отворено поле да дискутираме која е следната патека. Според мене тоа се Европските дигитални иновациски хабови, како иновативен начин да одиме напред, за кој што обезбедивме еден милион евра кофинансирање за проекти кои ќе финансираат дигитализација на малите и средните претпријатија. И тоа е вистинска инјекција за бизнисот – порача министерот  Андоновски.

Поврзани содржини