ФОНДАЦИЈАТА ГЕЈТС ЌЕ ДОНИРА 912 МИЛИОНИ ДОЛАРИ Милијардерот ги повика владите да не ги намалуваат парите за здравството
Гејтс годинава најави дека речиси целото свое богатство, проценето на 200 милијарди долари, ќе го донира до 2045 година, побрзо отколку што беше планирал, поради итните потреби во светот.
Фондацијата Гејтс ќе донира 912 милиони долари на Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија, објави Бил Гејтс, повикувајќи ги владите да го запрат глобалното намалување на финансирањето на здравството.
На настанот Ројтерс Њузмејкер (Reuters Newsmaker) во Њујорк, Гејтс изјави дека светот се наоѓа на раскрсница и предупреди дека милиони деца би можеле да умрат доколку средствата премногу се намалат.
Донацијата на Фондацијата Гејтс е иста како онаа во 2022 година, кога Глобалниот фонд, независна организација со седиште во Женева, последен пат собираше средства во рамките на тригодишниот буџетски циклус.
Оваа година доаѓа по големи кратења на државната помош, предводени од Соединетите Држави.
Според Институтот за здравствени метрики и евалуација (IHME), глобалната развојна помош паднала за 21 процент помеѓу 2024 и 2025 година, на најниско ниво во последните 15 години.
Гејтс предупреди дека со тоа би можел да биде загрозен напредокот кој од 2000 година ја преполови смртноста на децата и спасува околу пет милиони животи годишно.
Фондацијата Гејтс, основана во 2000 година, е еден од најголемите светски финансиери на глобалното здравство, со акцент на спречување смрт на мајки и деца, борба против заразни болести и намалување на сиромаштијата.
Гејтс претходно годинава најави дека речиси целото свое богатство, проценето на 200 милијарди долари, ќе го донира до 2045 година, побрзо отколку што беше планирал, поради итните потреби во светот.
На годишниот настан Goalkeepers, фондацијата му ја додели наградата Global Goalkeeper на шпанскиот премиер Педро Санчез, истакнувајќи дека Шпанија го зголемила својот придонес во Глобалниот фонд за 12 проценти и во Глобалната алијанса за вакцини (GAVI) за 30 проценти.