ФОНДАЦИЈАТА БРИЖИТ БАРДО ЈА ПРОДОЛЖУВА БОРБАТА ЗА ЗАШТИТА НА ЖИВОТНИТЕ „Продолжуваме со истата страст и со истите идеали“
Фондацијата Брижит Бардо, основана во 1986 година во Сен Тропе, е посветена на заштитата на дивите и домашните животни во Франција и низ целиот свет, а денес е една од најважните организации за права на животните во Франција.
Фондацијата основана од покојната француска актерка Брижит Бардо ќе продолжи „повеќе од кога било“ да го спроведува делото на својата основачка, објави организацијата по смртта на актерката, додавајќи дека нејзиното заминување не го означува крајот на борбата за заштита на животните.
– Нејзиното наследство останува живо преку активностите што ги спроведуваме со истата страст и лојалност кон нејзините идеали – се вели во соопштението, пренесува „Фигаро“.
Фондацијата Брижит Бардо, основана во 1986 година во Сен Тропе, е посветена на заштитата на дивите и домашните животни во Франција и низ целиот свет, а денес е една од најважните организации за права на животните во Франција.
– Ја дадов мојата младост и убавина на мажите. Сега им ја давам мојата мудрост, моето искуство и најдоброто од себе на животните – рекла еднаш актерката Бардо.
Директорот на фондацијата Бруно Жаклен нагласил дека „фондацијата е силна и ќе продолжи со сила и енергија“.
Фондацијата започнала скромно во мала соба во познатата куќа на актерката Ла Мадраг, а во 1988 година се преселила во Париз. Од своето основање, се грижела за повеќе од 12.000 животни. Со тим од околу 50 вработени во Париз и вкупно 300 работници на неколку локации, фондацијата управува со центри во Нормандија и Дордоња, како и со меѓународни проекти во 70 земји, од Индија до Мароко, вклучувајќи спасување животни и заштита на загрозени видови.
Бардо, според парискиот дневен весник, била активна до крајот на својот живот, учествувајќи во работата на одборот на директори и барајќи укинување на ловот и другите практики што ги смета за сурови.
Нејзината фондација, се вели во соопштението, ја продолжува борбата за заштита на животните, вклучително и забраната за малолетници да присуствуваат на борби со бикови и укинување на консумацијата на коњско месо.