Фонд за осигурување депозити: Рокот за подигање на обесштетувањето на депозитите од Еуростандард кај банките е 3 години
Од Фондот појаснуваат дека граѓаните кои нема да го подигнат обесштетувањето во тој рок ќе можат да го подигнат преку Фондот.
Фондот за осигурување на депозити денеска појасни дека физичките лица-депоненти во „Еуростандард банка“ во стечај обесштетувањето на осигурениот износ на нивниот депозит до законски утврдениот максимален износ од 30.000 евра ќе го добијат еднократно во рок од 3 години од почетокот на најавената исплата кај банките исплатувачи. По истекот на овој рок нивното право за обесштетување ќе треба да го остварат преку Фондот за осигурување на депозити.
– Секој депонент ќе има на располагање 36 месеци, односно 3 години од денот на почеток на исплатата, за кога ќе биде во можност да го оствари своето право на обесштетување во банките-исплатувачи.
Но, правото на исплата на обесштетување не застарува. По истекот на овој временски период, депонентите односно нивните наследници кои од различни причини не можеле да го остварат своето право на обесштетување во банките-исплатувачи, исплатата на обесштетување ќе може да ја остварат преку Фондот за осигурување на депозити кој останува посветен да обезбеди обесштетување независно кога депонентот ќе достави барање за да го оствари своето право на обесштетување – појаснуваат од Фондот за осигурување на депозити.
Оттаму информираат дека веќе се подготвува распределбата на депонентите по банки-исплатувачи и се изготвуваат потврдите за депозит, со цел процесот на исплатата на обесштетувањето да се одвива максимално ефикасно и едноставно.
-Во текот на следните денови ќе биде соопштен датумот на којшто ќе започне исплатата- велат од Фондот за осигурување депозити..