Фон дер Лајен: Инвестиравме милијарди евра во вакцини, сега компаниите да ги исполнат обврските

Европската комисија објаснува дека целта на механизмот се јасни информации за тоа каде одат вакцините против ковид-19 произведени во Европа.

494

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен изјави дека ЕУ инвестирала милијарди евра во развој и производство на вакцини против ковид-19 и дека сега со право очекува фармацевтските компании да го исполнат својот дел од обврските кон Европа.

– Сега компаниите треба да го испорачаат својот дел од работата и да ги исполнат своите обврски. Затоа воспоставуваме механизам за транспарентност при извозот на вакцини. Европа е решена да придонесе за глобалното добро, но ние, исто така, бараме да се почитуваат договорите – рече Фон дер Лајен во видео порака објавена на нејзиниот профил на Твитер.






Европската комисија објаснува дека целта на механизмот се јасни информации за тоа каде одат вакцините против ковид-19 произведени во Европа.

– Не станува збор за тоа дека ние не сакаме некој друг да добие вакцини, туку за компаниите со кои имаме потпишано договори да ги исполнат своите обврски кон нас. Јасно е дека на сите им се потребни вакцини, но исто така е јасно дека ЕУ вложи многу пари за да обезбеди дека ќе ги добие потребните дози, и тоа не во кое било време, туку што е можно побрзо – изјави портпаролот на Еврокомисијата Ерик Мамер

Од Европската комисија велат дека и по вчерашните две средби со претставниците на „АстраЗенека“, тие сè уште чекаат „јасни и целосни информации“ за испорака на вакцините.

– Нема да се предадеме сè додека не добиеме одговори и вакцини – вели Мамер.

За утре е најавен нов состанок на претставници на Европската комисија, земјите членки и „АстраЗенека“.

Поврзани содржини