Фон дер Лајен го уверила Заев дека се залага Македонија и Албанија заедно да одат кон ЕУ
Претседателката на Европската комисија додала дека ЕК ќе се вклучи уште повеќе со суштински и посветен ангажман бидејќи ова е многу важен процес кој не смее да го одложи стартот на преговорите со Северна Македонија за членство во ЕУ.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на средбата со премиерот Зоран Заев денеска во Брисел потврдила дека се залага Северна Македонија и Албанија заедно да ги продолжат преговорите без натамошно одлагање.
Таа додала дека ЕК ќе се вклучи уште повеќе со суштински и посветен ангажман бидејќи ова е многу важен процес кој не смее да го одложи стартот на преговорите со Северна Македонија за членство во ЕУ.
Премиерот Заев нагласил дека македонскиот јазик и македонскиот идентитет наметнати како прашања од Бугарија воопшто не смее да бидат тема на разговорите и ангажманот на Брисел и дека Северна Македонија единствено така ќе продолжи да разговара за нејзината европска иднина, соопшти Владата.
– Македонскиот идентитет освен што е прашање на гордост, тоа е и прашање на факти, наука, традиција и национално обележје на нашиот народ. Тој не е и нема да биде предмет на преговори. Европските вредности се водилка за нас, но заштита на идентитетот исто така е европска вредност – порачал Заев на средбата со претседателката на ЕК Фон дер Лајен.
Заев додал дека Северна Македонија ги спровела сите реформи, дека нивната имплементација е предмет на неколку процеси за примена на европските стандарди дома и дека се исполнети сите критериуми на ЕУ за отворање на процесот за членство.
На средбата во Брисел присуствувале и заменик-претседателот во Владата за европски прашања Никола Димитров, министерот за надворешни работи Бујар Османи.