ФОН ДЕР ЛАЈЕН ГО ИЗДРЖА УДАРОТ Пропадна обидот за недоверба, 360 пратеници беа против смената
Обидот за недоверба пропадна, Европскиот парламент ѝ даде поддршка на претседателката на Европската комисија, и покрај жестоките обвинувања за корупција, диктатура и нетранспарентност.
Европскиот парламент денеска ја одби иницијативата за изгласување недоверба на Европската комисија предводена од Урсула фон дер Лајен. Обидот, инициран од романскиот европратеник Георге Пипереа, пропадна со јасно мнозинство: 175 европратеници гласаа „за“, 360 беа „против“, а 18 се воздржаа.
Иницијативата беше поднесена со образложение дека Фон дер Лајен и нејзината Комисија „узурпирале овластувања“, ја загрозиле транспарентноста и го игнорирале Европскиот парламент во важни процеси на одлучување. За да помине, предлогот требаше да добие поддршка од најмалку две третини од пратениците што учествуваа во гласањето, и тоа бројно да надминува половина од вкупниот состав на Парламентот – услов што не беше исполнет.
На дебатата која се одржа во понеделникот, Пипереа жестоко ја нападна Фон дер Лајен:
„Во последните шест години, Комисијата на злоупотребувачки начин им ги одзеде овластувањата на земјите членки и го игнорираше Европарламентот. Недемократската концентрација на моќ во нејзини раце е спротивна на принципите на контрола и рамнотежа.“
Тој ја обвини и за зголемена сиромаштија, фрагментација на пазарот, ризици по државниот суверенитет и регрес во образованието.
Во своето обраќање, фон дер Лајен ги отфрли обвинувањата како политички мотивирани и ги обвини поддржувачите на иницијативата за „внесување раздор“ во институциите:
„Влеговме во ера на борба меѓу демократијата и нелиберализмот. Алармантна е заканата од екстремистички партии кои со дезинформации ги поларизираат општествата. Ова се движења поттикнати од заговори – од антиваксери до апологети на Путин.“
Фон дер Лајен не присуствуваше на денешното гласање – заминала уште синоќа за Рим, каде учествува на Конференција за поддршка на Украина. Според европски извори, пред заминувањето успеала да постигне важен договор со лидерите на Социјалистите и Демократите (СД), осигурувајќи 150 милијарди евра во наредниот буџет на ЕУ за работничко усовршување и социјална инклузија.
Овој договор беше клучен за да се избегне воздржаност од гласање од страна на социјалдемократите, што иако не би ја урнало Комисијата, ќе ја ослабеше нејзината политичка позиција и би испратило силна порака за недоверба.
„ИЗВАДЕТЕ СИ ПУКАНКИ“ Раскол меѓу европратениците околу гласањето за недоверба кон Фон дер Лајен