ЕУ одреди пакет од 3,3 милијарди евра за Западен Балкан
Пандемијата е огромен предизвик во однос на роковите за процесот на проширување, рече претседателката на Европската комисија фон дер Лајен.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска објави дека регионот на Западен Балкан е апсолутен приоритет за Европската унија и Европската комисија, на чие чело е таа.
– Западен Балкан и припаѓа на Европската унија и тука за тоа нема никакво прашање, затоа цврсто верувам дека ЕУ има посебна одговорност кон партнерите во регионот – рече Фон дер Лајен во говорот по видео-самитот на лидерите на ЕУ и Западен Балкан што попладнево се одржа место состанокот закажан за почетокот на мај во Загреб.
Таа кажа дека самитот е сведоштво за важноста што Европската унија му придава на регионот, како и сведоштво дека Западен Балкан е апсолутен приоритет за ЕУ и ЕК.
Таа, исто така, соопшти дека регионот на Западен Балкан покажал јасни знаци на солидарност со ЕУ во тешкиот период за време на пандемијата на коронавирусот, и се заблагодари за тоа.
Пакет од 3,3 милијарди евра за шесте земји од регионот, пристап до алатки за борбата против вирусот, алатки кои им се вообичаено достапни само на земјите членки на ЕУ, помош за малите и средните претпријатија во делот на економското закрепнување, ова се некои од иницијативите кои претседателката на ЕК, фон дер Лајен, Шарл Мишел претседател на Европскиот Совет, и Андреј Пленковиќ, премиерот на Хрватска чија земја претседава со ЕУ, ги упатија на прес – конференцијата.
Останува дека конкретните прашања поврзани за процесот на проширувањето кон регионот, како отворањето на преговорите со Скопје и Тирана или отворање на нови поглавја со Подгорица и Белград, очекувано не беа дел од оваа средба.
Сепак, повеќе пати беше поздравена одлука за отворање на преговорите со Северна Македонија и Албанија, донесена на 26 март годинава.
– Како Хрватска сметаме дека крајно време беше да се донесе одлуката за Северна Македонија и Албанија, како и за новата методологија за пристапните преговори, изјави хрватскиот премиер – надоврзувајќи се на зборовите на Урсула фон дер Лајен која повтори дека оваа одлука претставува “силен сигнал“.
Декларираната цел на новата методологија на пристапните преговори е и да донесе забрзување на процесот зависно од капацитетот на секоја земја.
Хрватскиот премиер оцени дека ЕУ испорача во однос на очекувањата на земјите од регионот, додека претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, потсети дека до пред неколку месеци, ЕУ не беше во можност да се усогласи во однос на проширување, алудирајќи на блокадата за преговорите со Северна Македонија и Албанија минатата есен, разлики кои се денес надминати, тврди ЕУ.
– Токму поради нашиот политички ангажман ја донесовме одлуката за Северна Македонија и Албанија и нашата порака е многу силна, а после кризата со ковид-19 ќе биде суштински да развиеме силна стратегија, да инвестираме на краток и на долг рок, да се намалат тензиите, да се имплементираат реформите – додаде Мишел.
Процесот, меѓутоа, неизбежно ќе се забави поради глобалната санитарна криза.
– Пандемијата е огромен предизвик во однос на роковите за процесот на проширување – призна фон дер Лајен.
Сепак, за неа, кризата може да се искористи за да се консолидира процесот.
Еден од предлозите на Комисијата е, подоцна во текот на оваа година, како дел од преговорите за буџетот на ЕУ, да се понуди и широк „Економски и Инвестициски План“ за регионот за да им се помогне на земјите и на компаниите да се справат со финансиските последици од кризата.
-Ако сме паметни и обединети можеме да ја искористиме кризата за да се зближиме, по рестриктивните мерки ќе следи огромна економска штета, и ако се движиме кон програма за закрепнување, како што е инвестицискиот пакет, во кој ќе се фокусираме на поврзување, дигитализација и на Зелениот пакт, можеме заедно да го надминеме ова, рече фон дер Лајен.
Европската перспектива е потврдена од страна на земјите членки и на институциите на ЕУ, стои и во завршната декларација, а таа перспектива останува во најголем дел во рацете на земјите од регионот и нивниот реформски капацитет.