Флојд бил тепан и на задното седиште од полицискиот автомобил (ВИДЕО)
Се полека се спојува, само што го добив ова ново видео. Едниот чува стража, а другите го претепуваат, напиша тој.
Низ повеќе градови во САД, но и во светот, од викендот почнаа да се организираат протести откако црнецот Џорџ Флојд им подлегна на повредите здобиени по „блиската средба“ со полицијата. Во повеќе американски градови тие прераснаа во немири и судири со полицијата.
Американксите медиуми јавуваат дека денеска на социјалните мрежи се појави и нова снимка од надзорна камера, на која се гледа како полицијата се однесувала со Флојд пред да почине.
Дури и пред Флојд (46) да заврши со лицето на плочникот полицијата имала проблеми со него. Ова е прикажано на новата снимка од надзорната камера, на која се прикажани неколку полицајци како имаат проблеми со него на задното седиште на полицискиот автомобил.
Снимката е објавена од корисник на Инстаграм, кој напишал дека полицајците го претепале Флојд во автомобилот.
– Сѐ полека се спојува, само што го добив ова ново видео. Едниот чува стража, а другите го претепуваат, напиша тој.
Кина и Иран им порачаа на САД да го остават својот народ да дише
Кина и Иран денеска го осудија расизмот и полициската бруталност во САД.
Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работио Џао Лиџијан изјави дека протестите во повеќе американски градови уште еднаш покажуваат на расна дискриминација во САД, на сериозни проблеми од насилните полициски мерки и на итноста за решавање на тие проблеми.
Тој го спореди насилството во САД со минатогодишното насилство во Хонг Конг, како реакција на ширењето на влијанието на Пекинг.
Џао истакна дека одговорот на САД на демонстрациите против полициската бруталност е „училишен пример на нивните двојни стандарди“ што ги применуваат во светот.
– Зошто САД ги третираат како херои заговорниците на насилство и така наречената независност на Хонг Конг, а ги нарекуваат бунтовници тие што го осудуваат расизмот – посочи Џао.
Тој додаде дека Кина се надева оти САД ќе ги зачуваат и гаранитираат правата на етничките малинства.
И Иран денеска ја повика Владата и полицијата на САД да го запрат насилството врз сопствениот народ во реакцијата на протестите што избија по убиството на афроамериканецот Џорџ Флојд од страна на полицијата.
– До американските претставници и полицијата. Запрете го насилството против сопствениот народ и дозволете да дише – изјави портпаролот на иранското Минисетрство за надворешни работи, Абас Мусави.
Тој испрати и порака до Американците, во која истакнува дека „светот стои зад нив“.
Смртта на Флојд предизвика протести ширум САД, но и во светот откако беше објавена снимка како полицаец со колено го притиска Флојд на вратот речиси девет минути, додека тој предупредува дека не може да дише.