📷 ФК ГОСТИВАР СРАМНО ГО НАПУШТИ ТЕРЕНОТ НА НАТПРЕВАРОТ СО РАБОТНИЧКИ Кому му пречи најавата на ФФМ за расчистување со корупцијата и со криминалот?

„Ќе излеземе уште посилни по овие координирани подземни постапки што интензивно се случуваат во последните денови“, се вели во соопштението на Фидбалската федерација на Македонија.

850

На денешниот натпревар од Првата македонска фудбалска лига меѓу ФК Гостивар и ФК Работнички се случи скандал каков што македонската фудбалска јавност одамна не видела: тимот на Гостивар свесно и организирано го напушти теренот.

Од Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) остро реагираа, нарекувајќи го овој потег „срамен чин и грубо изневерување на фер-плејот“.






„Наместо спортски да се борат до последниот свиреж, ФК Гостивар решија да избегаат од реалноста и да ја префрлат вината врз судиите“, соопштуваат од ФФМ.

Федерацијата наведува дека вистината е документирана во официјалниот записник, каде стои дека уште предвреме претставник на ФК Гостивар ги известил судиите дека екипата ќе се повлече доколку резултатот не биде во нивна корист.

„Ова не беше спонтан чин, туку смислен и намерен обид за манипулација со јавноста и деградација на македонската фудбалска сцена“, истакнуваат од ФФМ, алудирајќи дека зад ова стојат одредени поединци мотивирани од финансиски интереси и незадоволени амбиции.

ФФМ не пропушти да потсети дека последните одлуки на Управниот одбор, насочени кон расчистување со криминалот и корупцијата во фудбалот, се причина за ваквите обиди за дестабилизација.

„Тие кои со години беа навикнати на привилегии, денес, кога владеат правилниците, транспарентноста и фер-плејот, не можат да функционираат во регуларен систем“, велат од Федерацијата.

И покрај ваквиот развој на настаните, од ФФМ порачуваат дека регуларноста на Прва МФЛ нема да биде нарушена.

„Ја уверуваме јавноста дека првенството ќе продолжи според правилата и прописите. Криминалните структури и ѓубрето во фудбалот ќе бидат целосно исчистени!“, истакнуваат од ФФМ.

Во завршницата од соопштението, ФФМ испрати силна порака: „Нашата борба за чист фудбал нема враќање назад. Одиме до крај за регуларен, чесен и достоинствен македонски фудбал!“

 

Поврзани содржини