ФИЗИЧКИ НАПАДИ ВРЗ ДЕЦА И РОДИТЕЛИ Полицијата не знае кој прв почнал, сите се обвинуваат меѓусебно
Низа пријави за меѓусебни физички напади меѓу малолетници и нивните родители ја активираа полицијата во Скопје, на удар се нашле и деца од 10, 11 и 12 години.
Полицијата во Скопје работи на расветлување на исклучително комплициран и вознемирувачки инцидент кој вклучува меѓусебни обвинувања за физички напади помеѓу неколку малолетници и нивните родители, во и околу подрачјето на Бит Пазар.
Сè започнало на 28 јули 2025 година, кога во 14:28 часот, 39-годишната Ј.З. од Скопје пријавила во СВР Скопје дека околу 15:00 часот, нејзината малолетна ќерка била нападната од три други малолетнички, од кои едната ѝ била позната. Според нејзините наводи, откако ги разделила, се вратила на работното место, но таму набргу влегле едно машко и две женски лица, кои, како што тврди, физички го нападнале нејзиниот 10-годишен син, а потоа и ќерката.
Само еден час подоцна, во 15:28 часот, 43-годишниот З.Х. од Скопје поднел контрапријава, во која тврди дека неговата 12-годишна ќерка, заедно со уште две други девојчиња, биле физички нападнати токму од Ј.З. и нејзината ќерка.
Ситуацијата дополнително се комплицирала кога во 21:00 часот истата вечер, 46-годишниот З.А. пријавил дека неговите две деца, на возраст од 15 и 11 години, исто така биле нападнати од истата малолетничка и нејзината мајка, 39-годишната Ј.З.
Министерството за внатрешни работи потврди дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот. Истрагата треба да утврди кој прв започнал со нападите и каква е улогата на возрасните во верижната пресметка меѓу малолетните лица.