Фирма лажела дека хеланките спречуваат корона, казнета со 2,6 милиони фунти
„Лорна Џејн“ е 30-годишна компанија која има свои дуќани и во Нов Зеланд, САД и во Сингапур. Со пресудата, Лорна Џејн Кларксон, која е основач на компанијата, три години нема да смее да дава било какви изјави поврзани со вируси и со облекa од нејзината фирма.
Дури 2,6 милиони фунти била казната за познатата австралиска фирма „Лорна Џејн“, која рекламирала свои хеланки дека наводно можат да го сопрат ширењето на корона и други вируси, пишува Би-би-си. Според фирмата, нивната LJ Shield технологија може да ги спречи патогените да се шират, а судијата го нарекол ова тврдење „експлоататорско, предаторско и потенцијално опасно“.
Од фирмата се правдаат дека биле изманипулирани од нивниот добавувач кој им продал технологија, која подоцна не се покажала ефикасна.
– Тие нè наведоа да веруваме дека технологијата зад LJ Shield се продава на друго место во Австралија, САД, Кина и во Тајван и дека е и антибактериска и антивирусна. Верувавме дека им даваме придобивка на нашите клиенти – вели Били Кларксон, извршниот директор на „Лорна Џејн“.
На рекламите веднаш изреагирала австралиската комисија за конкуренција и потрошувачи (АССС), која започнала судска постапка.
– Ова беше страшно однесување бидејќи вклучуваше сериозни тврдења во врска со јавното здравство кога немаше основа за нив – вели Род Симс од АССС.
Не изостанала ни казната од 40.000 австралиски долари од регулаторот на лекови за „наводно незаконско рекламирање“ во врска со ковид.
„Овој вид рекламирање може да има штетни последици за австралиската заедница, создавајќи лажно чувство на безбедност и водејќи ги луѓето да бидат помалку будни во однос на хигиената и социјалното растојание“, напишале од Комисијата.
Со пресудата, Лорна Џејн Кларксон, која е основач на компанијата, три години нема да смее да дава било какви изјави поврзани со вируси и со облекa од нејзината фирма.
„Лорна Џејн“ е 30-годишна компанија која има свои дуќани и во Нов Зеланд, САД и во Сингапур.