ФИРМА БЛИСКА ДО РАШКОВСКИ ВО „ВАЛКАНИ“ ЗДЕЛКИ СО ДРИСЛА? Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат за наместен тендер на депонијата
Фирмата Алпима Градба, сопственост на Пиперевалиев од Струмица, близок до Рашковски, со само два договори од 2019 и 2020 година успева со изнајмување на машини да оствари приход од Дрисла близу еден милион евра, вели Наум Стоилковски портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Во времето додека со Дрисла управува Коста Начевски, роднина на Драги Рашковски и функционер на СДСМ, фирмата Алпима Градба на Александар Пиперевалиев од Струмица, бизнис партнер на Заеви и роднина на Рашковски склучува договори за изнајмување на машини со јавното претпријатие, за што му се исплаќаат близу еден милион евра, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
– Фирмата Алпима Градба, сопственост на Пиперевалиев од Струмица, близок до Рашковски, со само два договори од 2019 и 2020 година успева со изнајмување на машини да оствари приход од Дрисла близу еден милион евра – вели Наум Стоилковски портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој посочи дека тендерот објавен од Дрисла, како да бил правен за компанијата на Пиперевалиев.
– Според договорот од 2020 година, вреден над 12 милиони денари, и тоа е првата работа откако Дрисла станува ЈП и со претпријатието почнува да управува Коста Начевски. Се распишува оглас за изнајмување на механизација, којшто првично содржи услови за заинтересираните да имаат минимален годишен приход од 20 милиони денари годишно три последователни години, последните години, да имаат најмалку 12 вработени и други критериуми коишто замислете додека е отворена постапката, се менуваат и се бришат! Односно огласот почнува да ги добива контурите токму како на фирмата на Пиперевалиев од Струмица – додаде Стоилковски.