Финска историја и балкански трауми

Токму таков е и најновиот пример што се објаснува со примена на модел кој наликува на Финска, со предметот историја кој се става во општествени науки, па оттаму, како што вели министерката Царовска, „доаѓаме до училиште кое ни овозможува да учиме“.

1,761

Инсистирањето на бугарските политички лидери и историчари дека пред 1944 година не може да се заборува за постоење на посебен македонски народ, со сопствена историја и јазик, јасно покажуваат дека во Европа не се целосно напуштени ирационални политички барања и притисоци, и пристрасни историграфски толкувања околу наводни конструирани историски и национални идентитети.

Но она што во тој контекст се чини станува интересно, е дека посегнување кон примери, искуства и состојби од подрачјето на Скандинавија, со цел да се оправдаат и мотивираат решенија и да се направат споредби со она што се случува во Македонија, во последните години стануваат сè почеста појава. Токму таков е и најновиот пример што се објаснува со примена на модел кој наликува на Финска, со предметот историја кој се става во општествени науки, па оттаму, како што вели министерката Царовска, „доаѓаме до училиште кое ни овозможува да учиме“.






Финска веројатно не случајно е избрана за урнек, со оглед на фактот дека образовниот систем и резултатите во финските училишта во повеќе наврати беа прогласени за најдобри во светот. Но, конкретно кога станува збор за образованието по историја, дебатата во скандинавските земји е постојано жива и полемична, со остри критички ставови.

Она што најчесто се смета за проблематично во дебатата околу овие прашања меѓу скандинавскирте соседи, е  како да се утврди содржината и на каков начин да се пристапи кон изучување на „заедничката историја“. Што е тоа што ги означува, или би требало да ги означи допирните точки во заедничкото скандинавско, или, како што често се нарекува, нордиско историско образование? Познавачите на оваа проблематика укажуваат дека од историско-културна перспектива никогаш не е создаден некој вистински нордиски, (пан-национален) мит. Затоа е и невозможно да се прецизира какво влијание оставило преклопувањето на историските култури врз националниот идентитет на петте нордиски култури и народи.

Прашањето за потеклото на Финците долго време било предмет на спротивставена дебата. Настојувањето на финските историчари да пишуваат долга, повеќевековна историја за финската нација, било оспорувано од нивните шведски колеги, кои сметале дека не постоела никаква финска нација пред историски значајаната 1809 година. Финска припаѓала на Шведска 650 години, до 1809 година, кога Финска потпаднала под власт на Русија, а независна држава станува во 1917 година. Во разни периоди тешко се постигнувала согласност околу она што би можело да се смета за повлекување граници меѓу заедничкото нордиско и посебното национално, а посебно кога станува збор за историските фигури кои во овој регион влегуваат во заедничката нордиска историска рамка.

Односнот на надлежните државни органи кон предметот историја во училиштата во нордиските земји е проследен со сериозни, предупредувачки критики, дека предметот историја се маргинализира до степен што создава празнини во образованието, означени како „безисторичност“. Шведскиот професор Дик Харисон смета дека таквиот однос на Швеѓаните кон историјата се должи на тоа што Шведска повеќе од 200 години не била погодена од национална траума. Последната војна Швеѓаните ја воделе против Норвежаните во 1814 година. Историјата едноставно можела да биде потисната и подзаборавена преку интензивната желба да се гледа напред, кон иднината.

Но дали и во Финска во последните години се случува сличен развој со тоа што постојано се кратат и намалуваат темите и курсевите во образованието по историја во училиштата. Во финските учебници по историја и понатаму мошне малку се обработува периодот од националната историја пред 1809 година. Тоа е и изворот на дебатата што се одвива со воспалени чувства. Таквиот „редуцирачки“ однос кон сопствената национална историја некои се обидуваат да го бранат со тоа што Финците, кои сега се дел од европските интеграциски процеси, би требало пред сè да ги познаваат главните развојни линии на општата историја. Од друга страна неретко се изнесуваат и такви аргументи дека концентрирање кон националната историја не е во согласност со духот на времето, означен со зголемен интернационализам и потребата од пошироко општо образование. Но во дебатата учествуваат и многумина кои тврдат дека изучувањето на сопствената национална историја е неопходно за да „можеме да да ги разбереме сопствената посебност и сопствените корени, и на таков начин да можеме да дејствуваме во еден сè поглобализиран свет“. Се разбира, прифатливо решение, како што обично се сугерира, е избор на модел што ќе се движи по некоја средна линија околу која се обединуваат и измируваат сопствениот национален развој и историските влијанија однадвор.

Кога едно општество почнува да се темели врз „неисторичност“, засилено почнува да ги заборава и искуствата од минатото. „Загрижен сум, вели професорот Харисон, дека не се посветува внимание на искуствата од минатото“. Игнорирање на искуствата од историјата го скусува погледот кон иднината, стеснувајќи ги можностите историјата да се задржи во свеста на луѓето. Една нација мора да го најде својот темел врз кој ќе се потпре, а историјата е несомнено важен столб во националната градба. „Тоа го гледаме на многу места во Европа денес“, констатира Харисон, „на пример на Балканот“.

Големите трауми со кои нацијата треба да се соочи и да ги преработи, овозможуваат да се почувствува жив однос кон сопствената историја, и кон цврстината на сопствениот национален столб, независно какво мислење околу тоа имаат соседите. Запоставувајќи ги, или можеби обидувајќи се да ги „избрише“ сопствените национални трауми, Македонија тешко ќе може да направи значаен исчекор напред.

Поврзани содржини