ФИНАНСИСКАТА ДУПКА ВО ДРЖАВНИОТ ПЕНЗИНСКИ ФОНД Е ПОРАДИ ПОСТОЕЊЕТО НА ПРИВАТНИТЕ ФОНДОВИ Да се врати единствениот државен фонд за пензии
Партијата ВМРО-Народна предлага да се укинуваат приватните пензиски фондови и да се врати единствениот државен пензиски фонд.
Вистинскиот проблем со финансирањето на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување настана со реформата при формирањето на приватните пензиски фондови, посочува партијата на Љубчо Георгиевски, ВМРО-Народна.
„ВМРО-Народна партија со внимание ја следи дискусијата за дупката во пензискиот фонд како и за зголемувањето на старосната граница за пензија и можното зголемување на даноците како мерка за пополнување на дупката. Сакаме да ја потсетиме македонската јавност дека во последните десетина години неколку пати сме алармирале за можната ескалација на ова горливо прашање и жално е што во оваа дискусија никој не зборува за вистинскиот проблем, а тоа е системска проблематика која настана со реформата при формирањето на приватните пензиски фондови. Во овој случај не можеме никого да обвиниме затоа што тоа беше наметната реформа од Светската банка и Монетарниот фонд, меѓутоа со жалење можеме да констатитраме дека никој во сиве овие години не се обиде да сфати каде е проблемот“, соопшти ВМРО-Народна.
Факт е, се додава, дека оваа ситуација со приватните пензиски фондови како дискусија ја имаше скоро во сите држави од поранешниот комунистички блок.
„Затоа ВМРО-Народна партија смета дека решението не е ниту во промена на старосната граница за пензија, ниту во зголемувањето на даноците, туку треба да се размисли околу правна форма за укинување на приватните пензиски фондови и враќање на единствениот државен пензиски фонд“, предлага партијата.