ФИНАНСИСКИОТ СИСТЕМ Е СТАБИЛЕН И Е ОТПОРЕН НА ШОКОВИ Но, опкружувањето и натаму е неизвесно за домашната економија, оценува Народна банка
За Народна банка и натаму приоритет ќе биде одржувањето силен и отпорен банкарски сектор што е клучен предуслов за задржувањето на финансиската стабилност.
Опкружувањето на домашната економија и натаму е неизвесно и упатува на ризици за следниот период, коишто главно се поврзуваат со можната ескалација на геополитичките тензии и нивното прелевање во глобалната, а посредно и во домашната економија, којашто како мала и отворена, е силно изложена на надворешните шокови, оцени Советот на Народната Банка по разлгедувањето на Извештајот за финансиската стабилност за 2023 година.
Според банката, доколку подолго за задржат заострените финансиски услови, тоа може да се одрази на одржливоста на долгот, со преносни ефекти врз билансите на финансиските институции.
„Ваквите состојби упатуваат на потребата од натамошна внимателност од страна на финансиските институции и при водењето на макропрудентните политики, како поддршка за задржувањето на финансиската стабилност и во следниот период3 се вели во извештајот.
За Народна банка и натаму приоритет ќе биде одржувањето силен и отпорен банкарски сектор што е клучен предуслов за задржувањето на финансиската стабилност.
„Во услови на неизвесно макроекономско окружување, макропрудентната политика на Народната банка и натаму ќе биде насочена кон одржување соодветна капитална и ликвидносна сила на домашните банки и со тоа, кон јакнење на отпорноста на евентуалните ризици“, се наведува во Извештајот.
Народна банка оцени дека лани домашниот финансиски систем бил стабилен, добро се справувал со предизвиците и дека е отпорен на шокови.
„Амбиентот во 2023 година беше поповолен, со постепено забавување на инфлацијата, но и забавен економски раст, како и неизвесности и ризици од окружувањето. Сите институционални сегменти од домашниот финансиски систем и натаму функционираат непречено. Ризиците за финансиската стабилност коишто произлегуваат од секој од овие сегменти се умерени, а умерен е и ризикот од „зараза“, односно ризикот од прелевање на ризиците од еден кон другите сегменти од финансискиот систем. Банкарскиот сектор е најголемиот, но и главниот сегмент на финансискиот систем, каде што се концентрирани заштедите на нефинансискиот сектор и ликвидноста на останатите финансиски институции, поради што е клучен за финансиската стабилност на земјата“ се наведува во Извештајот.
Народна банка оценува дека банкарскиот сектор ги задржа стабилноста и сигурноста во работењето, со подобрена солвентност, којашто е на највисоко ниво во последните 17 години, солидна ликвидност и добар квалитет на кредитното портфолио.
Поради поповолните движења на пазарите на капитал во 2023 година, во споредба со претходната година, приватните пензиски фондови и инвестициските фондови успеаја да остварат солидни годишни стапки на принос, а исто така и осигурителниот сектор оствари подобар финансиски резултат и ја задржа високата солвентност којашто е неколкукратно повисока од минималната пропишана со регулативата од оваа област. Останатите сегменти на финансискиот систем (штедилниците, друштвата за лизинг, финансиските друштва) имаат мало значење во рамките на севкупниот финансиски систем.
Во Извештајот се наведува дека ризиците од нефинансискиот сектор се умерени, со оглед на добрата финансиска позиција на домаќинствата и на корпоративниот сектор и следствено, на ниската стапка на нефункционални кредити во банкарското кредитно портфолио, но е потребна внимателност и претпазливо управување со долгот, за да се обезбеди неговата одржливост и во следниот период.
Се заклучува дека домаќинствата и натаму се со умерено и стабилно ниво на задолженост, додека долгот на корпоративниот сектор (мерен преку неговото учество во БДП) е малку повисок, во споредба со претходната година, но засега не упатува на поголеми ризици за неговата одржливост, сепак потребно е внимателно управување со ризиците.