ФИНАНСИСКАТА СТАБИЛНОСТ Е ЗАДРЖАНА Банките се во добра кондиција, но треба да бидат внимателни со станбените кредити

Комитетот ја нагласи и потребата од натамошно внимателно следење на ризиците и координирано дејствување на финансиските регулатори, коишто располагаат со соодветни инструменти за навремено реагирање.

27

Финансиската стабилност во 2025 година е задржана, а финансискиот систем покажува добра отпорност и способност за справување со предизвиците, оцени Комитетот за финансиска стабилност на Народна банка, соопштија од Народна банка.

Како што е соопштено, Комитетот ја нагласи и потребата од натамошно внимателно следење на ризиците и координирано дејствување на финансиските регулатори, коишто располагаат со соодветни инструменти за навремено реагирање.






– Финансиската стабилност и натаму е приоритетна, а институциите се подготвени да постапуваат соодветно во рамките на своите надлежности и во наредниот период – велат од Народна банка.

Во однос на 2025 година се оценува дека финансиските институции работеа во услови на побрз економски раст, при натамошна неизвесност од светското окружување.

„Банкарскиот систем и натаму е стабилен и отпорен, при историски највисоко ниво на адекватност на капиталот (од 2006 година наваму), подобрена ликвидносна позиција, раст на депозитите и кредитната активност, зголемена профитабилност и задржан квалитет на кредитното портфолио. Стрес-тестовите упатуваат на солиден капацитет за справување со потенцијални шокови“, се наведува во оценката.

Во однос на приватните пензиски фондови, заклучено е дека тие и понатаму се во фаза на прибирање средства, со ниска изложеност на ликвидносен ризик.

„При претпазливо инвестирање и соодветна диверзификација, стапките на принос се зголемуваат, особено кон крајот на минатата година“, се вели во оценката.

Комитетот оцени дека осигурителниот сектор бележи натамошен раст на продажбата, со соодветна ликвидност, солвентност и солидна профитабилност, додека останатите сегменти на финансискиот систем (штедилниците, друштвата за лизинг, инвестициските фондови и финансиските друштва) и натаму имаат мал удел и ограничено значење како извор на системски ризик.

Како што е соопштено, Комитетот посебно внимание му посветил на пазарот на недвижности, којшто и во 2025 година се одликува со силна побарувачка, раст на понудата и двоцифрен раст на цените, над долгогодишниот просек.

„Во услови на забрзано станбено кредитирање и засилени градежни активности, нагласена е потребата од внимателно управување со ризиците, заради спречување на прекумерната задолженост и за зачувување на стабилноста“, оценува Комитетот.

Во 2025 година, Народната банка примени пакет макропрудентни мерки, со кои ја зголеми стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот од 1,75% на 2,00% (со примена од четвртото тримесечје на 2026 година), а ги заостри и мерките насочени кон кредитирањето на физичките лица, заради превентивно делување врз потенцијалните ризици во сегментот на домаќинствата и пазарот на недвижности. Истовремено, беше олеснето кредитирањето за купување или изградба на прво живеалиште.

Поврзани содржини