ФИНАНСИСКА ПОЛИЦИЈА ГО ГОНИ ШЕФОТ НА РКЕ Бислимовски осомничен за злоупотреба на службената положба
Со одложување на одземање лиценца, фирма од Скопје остварила промет од над 194 милиони денари и противправна корист од повеќе од 14 милиони
Финансиската полиција поднесе кривична пријава против Марко Бислимовски, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), поради сомнение дека ја злоупотребил службената положба и овластување, со што ѝ овозможил на една нафтена компанија незаконски да продолжи со работа повеќе од една година.
Според пријавата доставена до Основното јавно обвинителство Скопје, Бислимовски, иако бил законски обврзан, не покренал постапка за навремено одземање на лиценцата на компанијата „Тритерол Петрол ДООЕЛ Скопје“, која не ги исполнувала условите за вршење енергетска дејност.
Наместо лиценцата да биде одземена во јануари 2024 година, како што налагале законските рокови, претседателот на РКЕ донел решение со кое постапката била прекината. Лиценцата официјално била одземена дури во април 2025 година – со задоцнување од цели 15 месеци.
Во тој период, компанијата продолжила да тргува со сурова нафта, нафтени деривати, биогорива, течен нафтен гас и други енергенси, а учествувала и во јавни набавки, иако за тоа немала законско право.
Од Финансиската полиција наведуваат дека со ваквото постапување, „Тритерол Петрол“ остварила вкупен промет од над 194,5 милиони денари, а стекнала и противправна имотна корист од околу 14,1 милион денари.
Со пријавата, институциите сомневаат дека Бислимовски свесно ги прекршил прописите кои бил должен да ги спроведува, нанесувајќи штета на јавниот интерес и дозволувајќи незаконско работење на приватна компанија.