Finance Think: Еколошката такса да се воведе скалесто зашто ќе предизвика долгорочен пораст на цените
Според експертите на Институтот за економски анализи, воведувањето на еколошката такса во висина од просечни 6,2 отсто од цената на литар гориво ќе придонесе со дополнителни 0,15 до 0,3 отсто пораст на општото ценовно ниво на краток рок и за дополнителни 0,8 до 0,9 отсто на долг рок.
Воведувањето на еколошката такса на горивата ќе има силно влијание на инфлацијата како краткорочно така и долгорочно. Затоа е потребно нејаино скалесто воведување во период од три години, предвидува институтот за економски истражувања Finance Think во последната анализа.
Според експертите на институтот, воведувањето на еколошката такса претставува еднократно зголемување на цените со постојан ефект и може да има преносен ефект врз цените на другите добра и услуги за чие произвoдство горивата се влезен трошок. Тоа ќе резултира со зголемување на општото ценовно ниво помеѓу 0,02 и 0,05 отсто.
– Оттука воведувањето на еколошката такса во висина од просечни 6,2 отсто од цената на литар гориво ќе придонесе со дополнителни 0,15 до 0,3 отсто пораст на општото ценовно ниво на краток рок – велат од Институтот.
Но, долгорочно, велат од институтот, зголемување на цената на горивата врз вкупните цени е посилен, и може да е позначаен бидејќи еколошката такса е перманентна промена.
– Еден процент зголемување на цената на горивата, во просек, резултира со зголемување на општото ценовно ниво помеѓу 0,14 и 0,16 отсто на долг рок. Оттука, долгорочно гледано, воведувањето на еколошката такса ќе придонесе со дополнителни 0,8 до 0,9 отсто пораст на општото ценовно ниво. Ценовно зголемување кај горивата вообичаено го зголемува општото ценовно ниво (инфлацијата) на сосем краток рок, односно во првиот месец по зголемувањето на цените на горивата. Оттука, ценовниот ефект од еколошката такса би настанал веднаш – нагласуваат од Finance Think.
Анализата покажува дека зголемување на цените се забележува и помеѓу седмиот и 15-тиот месец од воведувањето на еколошката такса (ефект кој е статистички значаен), а потоа исчезнува.
-Тоа потенцијално укажува дека освен еднократниот ефект, може да се очекува одреден понатамошен преносен ефект од воведувањето на еколошката такса во висина од долгорочниот коефициент од 0,14 проценти – велат од Finance Think.
Тргнувајќи од ефектите врз цените и инфлацијата од институтот препорачуваат еколошката такса да се воведе скалесто, и тоа: 1,5 денари во јули 2021, 1 денар во јануари 2022 и 1 денар во јули 2022.
– Со тоа, ценовниот ефект, без оглед колку е мал, ќе биде дополнително разводнет – велат од Finance Think.
Оттаму со став дека треба да се формира Фонд за зелена транзиција кој ќе осигури дека средствата собрани преку еколошката такса навистина ќе се употребат за поддршка на зелената транзиција во земјата.
– Во тој контекст, препорачуваме Владата да преземе акција со која ќе го демантира впечатокот дека еколошката такса се воведува за да ги компензира фискалните приходи кои ќе се изгубат поради намалувањето на ДДВ-то на електричната енергија. Препорачуваме Владата да го отвори прашањето за финансирање на зелената транзиција за поширока дебата и консултации, вклучително и за алтернативните модели за финансирање, на пример, издавање зелена обврзница – посочуваат од Finance Think.