ФИНАЛЕТО ПРЕКИНАТО ПРЕД ДА ПОЧНЕ Алкалоид и АЕК нема да играат вечерва, ЕХФ ќе решава што понатаму
Алкалоид влезе во овој меч со предност од 29-25 стекната на првиот натпревар во Атина, но трофејот засега не е доделен.
Финалниот реванш од Европскиот куп меѓу ракометарите на Алкалоид и АЕК Атина не се одигра вечерва во Скопје, откако грчкиот тим одби да излезе на терен поради отсуството на своите навивачи на трибините.
Според информации на Македонската телевизија (МТВ), македонската полиција денеска вратила два автобуси со фанови на АЕК кои немале билети и биле прекубројни. Иако клубот Алкалоид претходно обезбеди 200 влезници за грчките навивачи, од Атина тргнало значително поголемо бројно присуство, поради што дел од нив не беа пропуштени на територијата на Македонија од безбедносни причини.
Оние навивачи што имаа билети, пак, решиле да се солидаризираат со вратените и колективно се повлекле назад кон Грција. Истовремено, според истите извори, некои од нив упатиле сериозни закани до претседателот на клубот и до дел од стручниот штаб, барајќи од тимот да не настапи во финалето во Скопје.
Играчите на АЕК, иако биле подготвени за настап и во еден момент дури и се наоѓале во поттрибинскиот простор, ја прифатиле одлуката на клубот да се повлече. Дел од нив, како што беше забележано, ја напуштиле салата со солзи во очите.
Претставникот на Алкалоид, Зоран Цветановски, за МРТВ откри детали од драмата зад кулисите. Според него, уште од утринскиот технички состанок постоеле јасни сигнали дека може да настане проблем поради бројот на дозволени грчки навивачи – ограничени на 200 лица поради безбедносни проценки и одлука на МВР. Дел од навивачите на АЕК сепак допатувале во Скопје, без да имаат билети, и поставиле ултиматум до сопствениот клуб.
– Имавме сигнали во текот на денот, бидејќи тие разговори траеја од 10 часот кога беше техничкиот состанок, кога треба да се договир сѐ, како ќе тече протоколот. Нашиот клуб и МВР донесоа одлука, по сѐ што се случува во државата, бројот на влезници за гостите да биде 200. Дел од навивачите на АЕК допатуваа во Скопје, дел не. И тука настана проблем. Дадоа ултиматум на претставниците на АЕК дека ќе трпат последици, ако се појават на теренот. Управата на АЕК затоа не им дозовли да се појават. Ракометарите на АЕК имаа и солзи на очите, но не смееја против одлуката на управата – рече Цветановски за МРТВ.
Алкалоид влезе во овој меч со предност од 29-25 стекната на првиот натпревар во Атина, но трофејот засега не е доделен. Европската ракометна федерација (ЕХФ) најави дека конечната одлука за случајот ќе ја соопшти во вторник, иако ситуацијата е итна и бара побрза реакција.