Филтеру мој, кажи ми на Инстаграм најубав e кој!
Едно скорешно истражување покажа дека секоја трета девојка или млада жена не објавува селфи на интернет ако не користи филтер за да го смени својот изглед, пишува Би-Би-Си.
Филтрите станаа популарен начин да се преиначат фотографиите, особено за оние кои сакаат да се во чекор со растечките високи стандарди на убавина во светот на социјалните медиуми. Едно скорешно истражување покажа дека секоја трета девојка или млада жена не објавува селфи на интернет ако не користи филтер за да го смени својот изглед, пишува Би-Би-Си.
Во истражувањето направено од организацијата Girlguiding, 39 отсто од вкупно 1.473 испитаници на возраст од 11 до 21 година велат дека се вознемирени што во вистинскиот живот не можат да изгледаат како на интернет.
Ова истражување ги отсликува грижите на шминкерката и модел Саша Палари, која вели дека денес на интернет повеќе не може да се види вистинска кожа и покрена хаштаг#отфрлете го филтерот за да видиме вистинска кожа на Инстаграм.
– Си мислам, дали некој сфаќа колку е ова опасно? Не сакам децата да растат мислејќи дека не се доволно добри поради тоа што го гледаат на социјалните медиуми – вели таа.
Нејзината акција имаше голем одѕив меѓу следбеничките, па ситe почнаа да постираат фотографии од себе без филтри. Палари побара од корисниците да постираат нефилтрирани фотографии и да покажат дека го вреднуваат тоа што се, а не тоа како изгледаат.
– Веќе не гледаме нормална кожа – вели таа.
Наставничке, зошто се шминкаш секој ден?
Наставничката од основно училиште Кети Мекграт вели дека добила мејл од родител кој бил загрижен поради промените во однесувањето на детето при крајот на карантинот.
– Во мејлот пишуваше дека детето има проблеми со својот физички изглед. Јас бев затекната. Детето има четири години, само четири години. Многу се натажив, дека деца на толку мала возраст денес стануваат свесни за нивниот физички изглед – вели наставничката.
Девојчето гледало туторијали за шминкање на социјалните медиуми.
– Таа ми зборуваше дека не ѝ се допаѓа нејзиното лице без шминка и дека сакаше да си ја смени бојата на косата. Мислев дека можам да зборувам со неа за самодоверба, но таа ме праша: Зошто се шминкаш секој ден? Немав одговор на тоа прашање – вели Мекграт.
Следната недела наставничката отишла на училиште без шминка.
– Немаше да го направам тоа без довербата што ми ја влеа кампањата на Саша – вели таа.
Мекграт е само една од стотиците жени кои одговориле на кампањата на Палари раскажувајќи свој сопствен пример.
Палари вели дека тие жени ѝ дале сила да продолжи со темата за која претходно стравувала дека е преголем залак. Нејзиното видео за кампањата #filterdrop досега на Инстаграм го виделе 50.000 корисници. Таа е опсипана со пораки од луѓе кои не биле свесни колку се зависни од филтрите сѐ додека не биле предизвикани да не ги користат.
Една 27-годишна следбеничка на Палари напиша:
„Кога Саша почна со кампањата за откажување од филтрите на нејзиниот профил на Инстрагам, сфатив дека буквално си го мразев лицето, прво без шминка и второ без филтер. Гледав толку многу убави девојки или модели на социјалните медиуми со совршена кожа, совршен нос, совршена фигура. Јас имав пеги, пигментација од сонцето и бебе. Во почетокот немав храброст да се приклучам, но една вечер преовлада тоа чувство дека јас всушност се плашам од моето вистинско лице. Имам 18-месечна ќерка и ако јас не можам да споделам слика од себе без шминка и без филтер, како да очекувам дека таа ќе се сака себеси? Таа мисла ми го скрши срцето.“
Да се декларира дека се користени филтри
Палари се надева дека кампањата ќе има три придобивки: властите што ги поставуваат стандардите во рекламирањето да побараат од инфлуенсерите на социјалните медиуми да нагласат дека користеле филтер при промоцијата на козметиката, да ги отстранат од Инстаграм филтрите кои го менуваат ликот и тие кои спојуваат два лика во еден, како и да се види повеќе вистинска кожа на оваа платформа.
– Употребата на филтрите најчесто не е декларирана, па луѓето си мислат: „Зошто јас не изгледам така?“ Тоа е поради тоа што не ја прикажуваат вистината. Ако се декларираат филтрите, тогаш ќе го пробиеме кругот – вели Палари, која додава дека не бара крај за филтрите, туку укинување на некои филтри кои го менуваат ликот.
По кампањата на Палари, властите што ги поставуваат стандардите во рекламирањето потврдиле дека истражувале дали филтрите на Инстаграм водат кон претерано заблудувачко прикажување на ефектите на козметичките производи.
– Додека е совршено легитимно инфлуенсерите да користат постпродукциски стајлинг, важно е филтрите да не водат кон претерани заблуди за тоа што продуктите можат да постигнат. Ќе ги објавиме резултатите од нашето истражување – ветиле од Advertising Standards Authority (ASA).
Кога се обратила до Инстаграм, Палари добила одговор дека работат на тоа да го намалат притисокот од социјалните медиуми, вклучително и тоа дека тестираат отстранување на лајковите за да се намали споредувањето меѓу корисниците.
„Ние сакаме ефектите да бидат безбедно и позитивно искуство за нашата заедница и да им дозволиме на креаторите да се изразат. Затоа им дозволуваме на луѓето да креираат и да ги користат ефектите за менување на лицето на Инстаграм, но не ги препорачуваме во нашата Галерија со ефекти, каде најголемиот дел од корисниците ги наоѓаат“, одговориле од Инстаграм.
– Се надевам дека не е далеку моментот кога ќе се преземе одговорност за тоа дека уредувањето на носот за помалку од пет секунди предизвикува огромна штета врз нашата самодоверба – додава Палари.