ФИЛМСКИ ГРАБЕЖ НА ХАЛКИДИКИ, УАПСЕНИ СРБИ Лица поврзани со „Пинк Пантер“ украле накит вреден 580.000 евра
Истрагата открила дека 48-годишникот, кој веќе се бара во Швајцарија за други кражби, влегол во продавницата заедно со соучесник и со закана со оружје ги држел двајцата вработени, додека 46-годишниот, заедно со жена која сè уште е во бегство, ја надгледувал околината преправајќи се дека е муштерија.
Двајца српски државјани, на возраст од 48 и 46 години, се уапсени во Бугарија и во Хрватска под сомнение дека се дел од злогласната криминална мрежа „Пинк Пантер“, која стои зад, како што пишува Екатимерини, спектакуларниот грабеж на златарница на Халкидики на 2 септември 2025 година.
Полицијата соопшти дека двајцата биле приведени по неколкумесечна истрага на одделот за организиран криминал на грчката полиција, во координација со Европол. Тие биле предмет на европски потерници, издадени по докази што ги поврзале со грабежот вреден речиси 580.000 евра, при што биле украдени луксузни часовници и накит од врвни брендови.
Истрагата открила дека 48-годишникот, кој веќе се бара во Швајцарија за други кражби, влегол во продавницата заедно со соучесник и со закана со оружје ги држел двајцата вработени, додека 46-годишниот, заедно со жена која сè уште е во бегство, ја надгледувал околината преправајќи се дека е муштерија.
Целата акција, траела само неколку минути и покажала високо ниво на професионализам и координација. Според полицијата, четворица членови на групата престојувале во Грција од 20 август до 2 септември, користејќи фалсификувани пасоши и изнајмени возила со украдени регистарски таблички.
Групата спровела неколку дена извидување на теренот, внимателно испланирала рути за бегство и користела електрични тротинети за движење низ туристичките улици.
„Пинк Пантер“ веќе две децении е симбол на елитен криминал – мрежа составена главно од државјани на поранешна Југославија, позната по своите брзи и спектакуларни грабежи во Европа, Азија и Блискиот Исток.
Властите сега ја очекуваат екстрадицијата на двајцата осомничени во Грција, додека потрагата по останатите двајца членови продолжува.