ФИЛМОТ „ДИЏЕЈ АХМЕТ“ ЖНЕЕ НАГРАДИ ПО ФЕСТИВАЛИ Шест признанија во еден викенд

Од тимот на „Диџеј Ахмет“ велат дека ова е неверојатно признание за целата екипа, особено за Ариф Јакуп и Георги М. Унковски, и дека Македонија повторно го истакнува својот талент на светската филмска мапа.

57

Филмот „Диџеј Ахмет“ на режисерот Георги М. Унковски овој викенд постигна исклучителен меѓународен успех, освојувајќи шест престижни награди на три европски филмски фестивали во само два дена.

„Од својата премиера, „Диџеј Ахмет“ постојано добива одличен прием кај публиката – гледачите по проекциите со ентузијазам споделуваат дека филмот ги изненадил, трогнал и воодушевил. Токму таа искрена поддршка се рефлектира и во вниманието што го добива на меѓународните фестивали“ – се вели во соопштението од Агенцијата за филм.






На Босфорскиот филмски фестивал филмот освои Специјална награда на жирито и Награда за најдобар актер за Ариф Јакуп во улогата на Диџеј Ахмет.

На Севилскиот европски филмски фестивал (SEFF) следеа две нови признанија, Гран при на жирито и Награда за најдобар актер — повторно за Ариф Јакуп.

На Брауншвајг Интернационалниот филмски фестивал филмот доби Награда на жирито за најдобар европски дебитантски или втор филм и Награда од публиката за најдобар европски дебитантски или втор филм.

Од тимот на „Диџеј Ахмет“ велат дека ова е неверојатно признание за целата екипа, особено за Ариф Јакуп и Георги М. Унковски, и дека Македонија повторно го истакнува својот талент на светската филмска мапа.

– Она што особено ме радува е што ваквите успеси веќе не се исклучок, туку тренд. Новата генерација македонски режисери создава храбри, современи и длабоко лични филмови кои резонираат со публика од различни култури – изјави директорот на Агенцијата за филм, Сашко Мицевски.

Филмот е поддржан од македонската Агенција за филм, како и од повеќе национални и меѓународни институции, меѓу кои Eurimages, Czech Film Center, HAVC, Филмскиот центар на Србија и други.

Поврзани содржини