ФИЛКОВ ПРЕДЛАГА РЕВИДИРАЊЕ НА БАДЕНТЕРОТ Мицкоски не се согласува со министерот, ја смета темата за затворена

Бадентеровото мнозинство е дел од Охридскиот рамковен договор, а тој е дел од Уставот. Рамковниот договор е исполнет во целост и тоа е завршена тема, му порача премиерот Христијан Мицкоски на министерот за правда Игор Филков.

488

„Бадентеровото мнозинство се злоупотребува, можеби е дојдено време да се ревидира“. Ова го изјави министерот за правда Игор Филков во интервју за утрешното издание на весникот „Фокус“.

– Се надевам дека до објавувањето на ова издание, Собранието веќе ќе ја има завршено домашната работа и нема да дозволи да се создаде правен вакуум. Но, доколку тоа не се случи, значи употребата на Бадентеровото мнозинство се злоупотребува. Ако е така, тогаш можеби е дојдено време да размислиме за потребата тоа да се ревидира. Македонија мора да оди напред – вели Филков.






Премиерот Христијан Мицкоски, пак, брзо одговори на изјавата на министерот за правда:

– Бадентеровото мнозинство е дел од Охридскиот рамковен договор, а тој е дел од Уставот. Рамковниот договор е исполнет во целост и тоа е завршена тема, а она што претставувало суштински и институционален проблем, алатката „балансер“, која беше укината од страна на Уставниот суд, сега би требало да се реши со Закон за правична застапеност во кој покрај етничката, ќе има и компонента која ќе оценува согласно квалитетите и компетенциите на кандидатите за вработување. Тој е моментално во Венецијанската комисија, од каде се чека мислење, така што очекувам кога ќе го добиеме тоа мислење Законот да го ставиме на гласање – порача Мицкоски.

За потсетување, во саботата Законодавниот дом одржа седница на која точка на дневен ред беа измени на Изборниот законик, а целта беше да се регулира и бројот на потписи што треба да ги соберат независните кандидати за да може да учествуваат на избори.

Со 67 гласа „за“, 18 „против“ и ниту еден воздржан пратениците, при првото изјаснување, ги изгласаа овие измени.

Но, на гласањето според Бадентеровиот принцип тие не поминаа, бидејќи од пратениците од немнозинските заедници 11 гласаа „за“, а 18 беа „против“.

Измените, всушност, не поминаа зашто не ја добија поддршката од опозициската ДУИ и коалицијата што оваа партија ја предводи во Парламентот.

Реакција на изјавата на Филков дека можеби треба да се ревидира Бадентерот пристигна од потпретседателот на ДУИ и актуелен кандидат за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, кој кратко порача:

„Со ова се потврдува дека планот за демонтирање на Охридскиот договор се реализира чекор по чекор“, напиша Османи на Фејсбук.

Остра реакција имаше и од другиот потпретседател на ДУИ, Арбр Адеми, кој смета дека изјавите како таа на Филков се многу опасни.

– За жал, сѐ повеќе им се дава простор на политички сили и на политичари кои имаат опасни идеи и кои мислат дека мултиетничките држави не се функционални, а кои се поборници на чисто етнички држави. Такви идеи и идеолози се опасни, бидејќи со тоа се заоструваат меѓуетничките односи, па сѐ до нарушување. Ние сме сведоци, уште од почеток сме кажале дека оваа Влада има агенда систематски да го нападне Охридскиот мировен договор. А тоа се покажа и докажа со конкретни дела – со укинување на балансер, со непочитување на правична застапеност и покрај тоа што се уставна вредност согласно амандман 6 од Уставот, со непочитување на албанскиот јазик и Законот за албанскиот јазик, со укинување на статусот на правно лице на Инспекторатот за примена на Законот за јазиците, со поднесување на иницијатива за укинување на Законот за албански јазик од страна на ВМРО-ДПМНЕ и други субјекти и секојдневно се соочуваме со истата ситуација – изјави Адеми.

Бадентерово мнозинство е уставна категорија која во највисокиот правен акт на државата влезе со Охридскиот рамковен договор од 2001 година.

Според овој принцип, при одлучувањето за закони кои директно ги засегаат културата, употребата на јазиците, образованието, личните документи, употребата на симболите, мора да има и мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија. При одредени одлуки, се бара мнозинство од вкупниот број пратеници од немнозинските заедници или т.н. голем Бадентер.

Поврзани содржини