ФИЛКОВ НАСЛЕДИЛ КАБИНЕТ ПОЛН СО ЧАДОРИ, ЧАШИ И ТОРБИ Лога си ja зел со себе целата документација, ги нема ни препораките на Европската комисија

Го презедов Mинистерството на многу невообичаен начин без примопредавање од мојот претходник и целосно испразен кабинет од потребна документација, но преполн со тукушто набавени чадори, маици, торби, чаши и други предмети, сите во количина од над 200 парчиња и се разбира неплатена фактура од 956.000 денари за добавувачот на тие парчиња, изјави министерот за правда Игор Филков.

1,924

Пред 100 дена мандатот на новиот министер за правда Игор Филков почнал без официјално примопредавање од неговиот претходник Кренар Лога.

Како што истакна Филков на денешната прес-конференција, наследил празен кабинет без клучни оригинални документи како што е извештајот на Оценската мисија на Европската комисија за работата на Судскиот совет, но полн со чадори, чаши и торби набавени од Лога и неплатена фактура од речиси милион денари.






Поради нефункционалното работење, министерот Филков ќе бара одговорност од претходникот.

– Го презедов Mинистерството на многу невообичаен начин без примопредавање од мојот претходник и целосно испразен кабинет од потребна документација, но преполн со тукушто набавени чадори, маици, торби, чаши и други предмети, сите во количина од над 200 парчиња и се разбира неплатена фактура од 956.000 денари за добавувачот на тие парчиња. Затекнав сериозно испразнети финансиски ресурси, непостоење на евиденција за добивање на користење на мобилни телефони, лаптопи и електрични скутери од страна на мобилниот провајдер што укажува на персонификација на мојот претходник со институцијата Министерство за правда. Нефунционален возен парк и слободно можам да кажам девастирана функционалност на Министерството за правда – рече Филков.

Планираните реформи во правосудството, сузбивањето на корупцијата и враќањето на довербата на граѓаните во правосудните органи ќе биде тешко да се спроведат, бидејќи во  кабинетот на министерот го нема оригиналниот документ од Оценската мисија на ЕК заедно со препораките за реформа на Судскиот совет, а реформата бара упорност и храброст и поддршка од сите сектори од општеството, нагласи Филков.

– Голем предизвик во реализирањето на оваа активност претставува фактот дека Министерството за правда не располага со толку споменуваниот документ со препораките од Оценката мисија на Европската Комисија по однос на Судскиот совет. Иако документот е класифицирана документација, тој е земен од мојот претходник, заради што Министерството не располага со документот. Како резултат на тоа принудени сме да се потпираме на електронски верзии, само на дел на документот кој ги содржи исклучиво препораките без соодветните образоложенија и официјалниот допис на ЕК – потенцираше Филков на отчетот по повод 100 дена од преземањето на министерската функција.

„Би сакал Академијата за судии и јавни обвинители да се врати на патеките од пред многу години“

Министерот за правда Игор Филков не го коментира начинот на избор на новата директорка на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, но смета дека изборот треба да биде транспарентен.

Одговарајќи на новинарско прашање зошто изборот на обвинителката Ирина Трајкоска-Стрезоски во понеделникот за нов директор на институцијата бил на седница затворена за јавноста, спротивно на статутот на Академијата според кој одлуките се носат јавно, Филков рече дека тоа е одлука и став на Управниот одбор. 

Но, додаде дека би сакал оваа Академија „да се врати на патеките од пред многу години“ кога не се занимавала со коруптивни скандали и од која излегувале генерации што се гордост за сите. 

– Ние не можеме да ја коментираме постапката зошто и како некој гласал. Нивниот генерален едногласен став е да гласаат на таков начин. Но, мојот генерален став и ставот на Министерството за правда е секојпат да се оди со транспарентност. Начинот на избор во Академијата е колективна одлука на Управниот одбор и тука не можам да коментирам ништо. Но, би можел да коментирам дека јас би сакал Академијата да се врати на оние патеки од пред многу години кога не се занимаваа со коруптивни скандали и вадеа генерации како оние првите со коишто сите ние се гордееме. Тоа го сакам искрено и за тоа ќе ја имаат мојата поддршка – истакна Филков.

Обвинителката Ирина Трајкоска Стрезоски од Вишото јавно обвинителство Битола завчера, на гласање на Управниот одбор, е избрана за нова директорка на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ со мандат од четири години.

 

Поврзани содржини