Филипче: Засега нема да има полициски час, не планираме ниту викенд-карантин

Засега сметаме дека овие мерки се сосема доволни и ако во следниот период се почитуваат, тие ќе дадат соодветни резултати - рече Филипче.

537

Засега не се предвидува воведување полициски час во земјава како мерка за заштита од ширењето на ковид-19, рече министерот за здравство Венко Филипче.

Тој ги отфрли и шпекулациите дека за викендов, по примерот на некои соседни земји, би можело да биде ставен во сила полициски час.






– Ова е тежок и комплексен период, да ги почитуваме мерките за заштита од ковид-19, да нема групирање на повеќе од четири лица на јавните места. Сметаме дека овие мерки се сосема доволни и ако во следниот период се почитуваат, тие ќе дадат соодветни резултати – рече Филипче.

Тој додаде дека за секоја форма на болеста ковид-19 има соодветна препорака и оти матичните лекари добро знаат кои пациенти треба да се третираат дома, а која е индикацијата за едно болно лице да се смести во болничка установа.

– Смртноста насекаде е голема. Огромен број на смртни случаи во соседните земјите од регионот. И тоа што можам да го кажам е дека, апсолутно, за секој пациент се прави сè што треба – нагласи Филипче.

Министерот рече дека болничките капацитети сè уште не се пополнети и дека има место на клиниките за болни од ковид-19.

– Сè уште има место на клиниките. Пополнети се околу 40 отсто, некои и 50 отсто – рече Филипче.

Министерот за здравство, меѓу другото, потенцира дека за хронично болните лица има механизам кој им овозможува да останат дома.

– Тој механизам важи уште од пред неколку месеци. Секој кој има хронична болест, може со мислење на специјалист да остане дома – рече Филипче

Поврзани содржини