Филипче: Започнуваме голема инвестиција во здравствениот систем и подготвени ќе го дочекаме вториот бран на пандемијата
Министерот потенцираше дека коронавирусот нема да исчезне и дека ќе биде присутен сè додека не се стекне имунитет.
Одлучивме да им се додели парична награда на сите здравствени и нездравствени работници кои беа директно вклучени во борбата со коронавирусот и кои беа во близок контакт со заразени пациенти од ковид-19, рече министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција.
– Врз основа на проценките, одлучивме да им се додели парична награда на сите здравствени и нездравствени работници кои беа вклучени во борбата со ковид-19 и кои беа во контакт со заразени пациенти. Тие ќе добијат зголемување на основната плата за 20 проценти во период од два месеца. Никој нема да биде изоставен. Информација за начинот на исплата ќе даде Министерството за финансии – рече Филипче.
Тој истакна дека анализите покажале оти епиедмијата во земјава полека се става под контрола.
– Дури 91 процент од здравствените работници се оздравени и целокупниот човечки капацитет повторно е на располагање. Заклучокот на Комисијата за заразни болести е дека зголемениот број на заразени пациенти е резултат на олабавувањето на мерките. Затоа, сакам да кажам дека првата битка ја добивме, но војната не е завршена. Со строго почитување на мерките можеме да ја задржиме пандемијата под контрола. Економијата заживува и веќе почнуваме да живееме понормално – рече Филипче.
Министерот исто така потенцираше дека коронавирусот нема да исчезне и дека ќе биде присутен сè додека не се стекне имунитет.
– Комисијата за заразни болести донесе предлог за олабавување на мерките, па тие полека почнаа да се олабавуваат и да се отвораат дел од облектите. Но, вирусот е тука и никој не е имун. Короната нема да исчезне и ќе биде присутна сè додека не се стекне имунитет. Најголемата опасност за пренесување на вирусот се приватните собири, групирањето и прославите. Ги молам граѓаните да се воздржат од таа активност. Јас знам дека има многу граѓани кои ги почитуваат мерките, но има и такви кои не ги почитуваат. Затоа, апелирам до институциите да вршат строга контрола – рече Филипче.
Тој додаде дека сите досегашни студии покажуваат дека вирусот ќе има втор бран.
– Сите досегашни студии покажуваат дека вирусот ќе има втор бран, па затоа ние се подготвуваме согласно констултациите со повеќе земји и со Светската здравстена организација. Започнуваме голема инвестиција во здравствениот систем и ги зајакнуваме одделенијата за интензивна нега. Ќе го дочекаме бранот на есен целосно подготвени. Покажавме што значи да се работи во интерес на граѓаните и како умееме одлично да се носиме со големите кризи – истакна Филипче.
На почетокот на прес-конференцијата, министерот соопшти дека денеска се оздравени 50 пациенти, но дека има двајца починати – еден пациент од Скопје на 78-годишна возраст и еден пациент од Тетово на 77-годишна возраст. Во измиантите 24 часа, додаде тој, направени биле 553 тестирања, а имало 22 заразени. Вкупната бројка на заразени, рече Филипче сега изнесува 1.839 пациенти, оздравени се 1.351, починати се 106, а активнии се 389 пациенти.