📷 ФИЛИПЧЕ ЗА САМОРЕКЛАМА ПРЕКРШИ ЗАКОН Објави селфи на кое се читаат името и дијагнозата на пациентката што ја оперира
На објавата со згрозеност реагираа многу граѓани дека Филипче за да си направи самопромоција воопшто не внимава на етичкиот момент за заштита на приватноста на пациентите, а дел од коментаторите под неговата објава го опоменаа дека на фотографијата се гледа името на пациентката, но ниту по реакциите тој не го замати делот каде се читаат личните податоци
Претседателот на СДСМ Венко Филипче, кој е неврохирург, во скандалозно селфи од операциска сала го прекрши Законот за заштита на правата на пациентите со тоа што на екранот зад него јасно се чита името и презимето на пациентката врз која вршел лекарска интервенција, како и датумот на раѓање!
На фотографијата не е прикажана самата пациентка. Ако објавата се гледа од мобилен телефон, податоците не се видливи, но на поголем екран јасно се чита сè.
Пред фотографијата која ја објави на својата страница на Фејсбук, Филипче напиша само „Работно“ и додаде смајли.
На објавата со згрозеност реагираа многу граѓани дека Филипче за да си направи самопромоција воопшто не внимава на етичкиот момент за заштита на приватноста на пациентите. Дури и дел од коментаторите под неговата објава го опоменаа дека на фотографијата се гледа името на пациентката, но ниту по реакциите тој не го замати делот каде се читаат личните податоци.
„Супер, браво за добро завршената работа! Само што на екранот се читаат личните податоци на пациентката, а и медицински информации за тие што разбираат. Треба да ги скриете, освен ако не е желба на пациентката сите да читаме“, му напиша една граѓанка под објавата.
Едно од начелата на Законот за заштита на правата на пациентите е почитување на нивната приватност, а за прекршување е превидена глоба во износ од 250 до 500 евра.
Членот 25 од законот многу опширно го уредува правото на доверливост на пациентите во медицинските установи, но и надвор од нив. Законот уредува дека личните и медицинските податоци мора да се чуваат во тајност и после смртта на пациентот, а може да се откријат само ако пациентот даде писмена согласност.
Податоците се откриваат во строго дефинирани случаи – кога се неопходни за медицинска интервенција на пациентот во друга установа или кога се користат во историски, научни, истражувачки или едукативни цели, но во овој случај услов е идентитетот на пациентот да не може да се открие.
„Откривањето на податоците се врши на начин и до степен до кој се остварува целта на откривањето на информацијата и се заштитува во најголема можна мера тајноста на податоците.
Податоците за пациентот добиени во овие случаи се чуваат во согласност со прописите за чување на професионална и деловна тајна, како и за заштита на личните податоци. Човечките супстанции од коишто може да се идентификува пациентот мора да се чуваат во тајност“, уредува Законот.
Апсолутно не е дозволено лекар и друго медицинско лице пред целата јавност да ги објавува податоците што Филипче ги објави во своето селфи.
Фотографијата е направена во ЈЗУ Институт за радиологија, со што Филипче ја компромитира и здравствената уставнова, која, според законот, е должна, меѓу другото, да обезбеди доверливост (тајност) на личните и медицинските податоци на пациентот што се однесуваат на здравствениот статус на пациентот, медицинската, односно клиничката состојба, дијагнозата, прогнозата и третманот, како и сите други информации од лична природа, дури и по неговата смрт.
На крајот, законот предвидува и глоба во износ од 250 до 500 евра во денарска противвредност за прекршок на здравствениот работник кој непосредно врши медицинска интервенција, ако не обезбеди доверливост на податоците.
Надзор за почитувањето на правата на пациентите согласно законот врши Министерството за здравство и Државниот здравствен инспекторат.
Не е јасно како неврохирургот Филипче, кој неколку години беше министер за здравство во владата на СДСМ и ДУИ, а моментно е и пратеник и претседател на СДСМ, не ги знае одредбите на овој клучен закон што го уредува третманот на пациентите во здравствените установи.
Во минатото имаше повеќе слични скандали кога лекари и медицински сестри си правеа селфи заедно со пациентите. Во еден случај од 2018 година од Градската општа болница „8 Септември“ медицинска сестра беше суспендирана од работа затоа што се фотографирала со пациент пред умирање.
Во друг случај од 2016 година кога цел хируршки тим од болницата во Гевгелија објави фотографија од операција на која се гледа отворен стомак на пациент вклучените во престапот добија дисциплински мерки.