Се финализираат подготовките на салата „Борис Трајковски“ во Скопје, каде ќе се врши масовна вакцинација. Подготвени се вкупно 48 позиции за истовремено вакцинирање и капацитет да се вакцинираат околу 5.000 граѓани дневно, објави на својот Фејсбук профил министерот за здравство Венко Филипче.
Согласно планот, како што посочува, ќе се работи во две смени од 8 до 20 часот. Вакцинацијата која вчера почна на вакциналните пунктови ширум државата се одвива одлично, напиша Филипче.
Во текот на вчерашниот ден вакцинирани се 730 граѓани.
Дневно од 30 до 55 лица се вакцинирале во еден пункт. Според податоците на Националниот систем „Мој Термин“, голема е заинтересираноста на граѓаните над 77 години кои од вчера почнаа да се вакцинираат, односно само два отсто од граѓаните кои имале закажано термин не ја примиле вакцината, соопшти Министерството за здравство.
Вакцинацијата на лицата кои спаѓаат во 1б групата стартуваше вчера во поликлиниките „Јане Сандански“, Чаир и Букурешт во Скопје, во здравствените домови во Прилеп, Охрид, Гостивар, Штип, Куманово, Велес, Битола, Струмица и во болницата во Кавадарци.
Утре ќе почне и вакцинацијата во останатите градови – Тетово, Струга, Неготино, Крива Паланка, Вевчани, Валандово, Ростуше, Гостивар, Гевгелија, Делчево, Свети Николе, Ресен, Демир Хисар, Крушево, Македонска Каменица, Кратово, Кичево, Кочани, Радовиш, Виница, Пробиштип, Дебар, Пехчево и Македонски Брод.
Вакцинацијата се одвива на постоечките вакцинални пунктови во здравствените установи во градовите низ државата. Пунктовите работат од 8 до 20 часот секој ден од понеделник до петок. Закажувањето на термин го прави матичниот лекар, кој е должен на секој граѓанин да му каже во колку часот треба да се вакцинира и на кој пункт во здравствената установа каде се спорведува вакцинација против ковид-19, стои во соопштението.