Филипче: Вакцината „Синовак“ може да ја примат и трудници и доилки

Вакцината „Синовак“ содржи инкативиран САРС-Ков2 вирус, се дава во две дози, втората доза се прима од 14 до 28 дена по првата.

690

Вакцината „Синовак“ е ефикасна, безбедна за користење и одобрена од Светската здравствена организација, објави министерот за здравство Венко Филипче на својот профил на Фејсбук попладнево.

– Еве ги официјалните карактеристики на вакцината Синовак објавени од СЗО – инкативиран САРС-Ков2 вирус, потребни се две дози, втората доза од 14 до 28 дена по првата доза, високо ефикасна за превенција на тешка болест, се дава мускулно во рамо, препорачана за употреба кај бремени жени кога придобивките од вакцинацијата за бремената жена се поголеми од потенцијалните ризици. Препорачана за употреба кај доилки, како и кај други возрасни лица – наведува Филипче.






Министерството за здравство попладнево соопшти дека утре на меѓународниот аеродром во Скопје треба да пристигнат 500.000 вакцини од кинескиот производител „Синовак“.

Оваа пратка ќе ја пречекаат државната секретарка во Министерството за здравство Иванка Стојаноски и кинескиот амбасадор Џанг Ѕуо.

Вчера попладне пристигнаа и 100.620 дози од вакцините „Фајзер“ што се набавени преку Ковакс системот.

Филипче вчера најави дека во текот на следните денови вакцинацијата ќе се одвива со забрзано темпо и дека до 15 јули ќе бидат вакцинирани сите пријавени граѓани преку сајтот vakcinacija.mk.

Досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 462.211 граѓани.

Заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 295.780 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 6.418 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 8.792 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 510.351 дози вакцини, а ревакцинирани се 214.571 граѓани.

Со последните бројки 51% од населението над 70 години има примено барем една доза вакцина,  45 % од населението над 65 години е вакцинирано  со барем една доза вакцина и 38 % од населението над 60 години е вакцинирано  со барем една доза вакцина.

Поврзани содржини