Филипче: Теренската вакцинација во домовите за постари лица се одвива нормално
Ги чекаме списоците од останатите центри за сместување на постари лица од другите градови и согласно динамиката таму ќе продолжи вакцинацијата на сместените корисници – истакна министерот.
На денешната прес-конференција министерот за здравство, Венко Филипче информираше за теренска вакцинација во Геријатриската болница во Скопје, како и во домовите за стари лица низ државата.
– Во двата дома „Сју рајдер“ веќе е завршена вакцинацијата, 10 луѓе од 60 во Битола, 22 од 60 во Скопје и во Центарот за сместување на стари лица „Мајка Тераза“ 22 од 50 лица. Сега во тек е вакцинацијата на лица во болницата за Геријатриска медицина – вели Филипче.
Тој додаде дека огромен процент од здравствените работници кои работат во овие установи се вакцинирани, близу 90, затоа што тоа било дел од стратегијата, прво тие да се заштитат, а со тоа да ги заштитат и постарите лица.
– Ги чекаме списоците од останатите центри за сместување на постари лица од другите градови и согласно динамиката таму ќе продолжи вакцинацијата на сместените корисници – истакна министерот.
Филипче истакна дека останатиот дел од системот за вакцинација добро функционира и денеска продолжува вакцинацијата ширум пунктовите во државата, во салата „А1 Арена“, каде се вакцинираат дел од припадниците на Армијата и наставничките од прво до трето одделение.