Филипче: Строги мерки се потребни затоа што празниците и топлото време ќе ги тераат луѓето да излегуваат надвор
Социјалната дистанца не е во природата на човекот, но тоа сега ни е најпотребно, рече министерот Филипче на денешната прес-конференција.
Во изминатото денониќие регистрирани се 15 нови случаи со коронавирус во земјава, соопшти министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција и додаде дека четворица заразени се регистрирани во Скопје, осум во Куманово и по еден во Тетово, Струга и во Штип.
Вкупната бројка на заразени во моментов, истакна Филипче, изнесува 570 лица.
– Се наоѓаме во фаза од која очекуваме бројот на пациенти да расте. Токму затоа Владата донесе построги мерки. И досега, во една фаза, дел од граѓаните не ги почитуваа мерките, а сега оценивме дека претстојните празници и убавото време повторно ќе ги тераат луѓето да излегуваат надвор. Социјалната дистанца конечно ќе стави крај на ширењето на коронавирусот. Социјалната дистанца не е во природата на човекот, но тоа сега ни е најпотребно. Апелирам до сите да се придржуваат до мерките, оти само така ќе го намалиме бројот на заболени и само така нашиот здравствен систем ќе остане стабилен. Постојано се прават тестирања за коронавирусот, а просекот во изминатиот период на ден изнесува 350 тестирања – истакна Филипче.