ФИЛИПЧЕ СТРАВ И ТРЕПЕТ ЗА ВМРО-ДПМНЕ ИЛИ САМО СРАМ ЗА СДСМ Дали вмровската влада е најлошата или Филипче е индиго на Заев?

„Наместо ВМРО-ДПМНЕ да глуми таблоид кој сее шпекулации и апелира, повелете докажете си ги сите обвинувања“, повика Бихаќка. Од Белата палата возвратија: „ Филипче беше министерот што ја убедуваше јавноста дека кабелот бил крив за запалената модуларна болница и дека најомилен тендер-партнер во здравството му беа компаниите за јужно овошје“.

1,881

Двете најголеми македонски партии неделното утро го почнаа со „војна на соопштенија“, а главната тема е дали Венко Филипче е страв за ВМРО-ДПМНЕ или срам за СДСМ.

„Разбирлив е стравот на ВМРО-ДПМНЕ од претседателот Венко Филипче. По катастрофалните политики и скандали кои се нижат, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ја губат поддршката од ден во ден. Мицкоски треба да знае дека неговата пропаганда е прочитана како буквар и нема да ги препокрие скандалите на неговата влада“, соопшти СДСМ.






Методите на постојани прес-конференции и заплашување на граѓаните се поразија уште пред речиси десет години, се вели во соопштението на опозициските социјалдемократи и се додава:

„Тоа што го прави ВМРО-ДПМНЕ за да го одвлече вниманието од сопствената глупост, само го потврдува широко распространетото мислење дека ова е најлошата влада која Македонија ја имала од осамостојувањето. Наместо ВМРО-ДПМНЕ да глуми таблоид кој сее шпекулации и апелира, повелете докажете си ги сите обвинувања. Кога владеачка партија која има двотретинско мнозинство само апелира наместо да делува, тоа само ја потврдува нејзината неспособност.  Престанете да глумите опозиција, фатете се за работа граѓаните веќе ја препознаваат измамата“.

ВМРО-ДПМНЕ реплицираше дека е смешно е да се каже дека некој се плаши од Венко Филипче.

„Човекот е срам, освен за СДС, туку и за државата што воопшто некогаш бил министер. Филипче го викаа доктор смрт бидејќи несмасното водење на корона кризата значеше губење на десетици илјади животи, а поради него Македонија имаше најлошо справување со корона вирусот во овој дел на Европа. Додека луѓе умираа, неговата хациенда на Водно растеше, а тендерите и договорите во 4 очи со омилената дрогерија Пановски се редеа“, се вели во соопштението на владејачката партија.

ВМРО-ДПМНЕ потсетува дека Филипче беше министерот што ја убедуваше јавноста дека кабелот бил крив за запалената модуларна болница и дека најомилен тендер-партнер во здравството му беа компаниите за јужно овошје.

„Тој е индиго на Зоран Заев неговиот најпослушна марионета инсталирана во врвот на СДС. Ако СДС сака демократија, Филипче треба да си даде оставка и партијата да се ослободи од багажот на Заев“, се заклучува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

 

Поврзани содржини