Филипче: Сите што се вакцинираа во Србија ќе се ревакцинираат дома

Денеска завршуваат сите административни работи во Агенцијата за лекови во однос на дозволата за вакцините на „АстраЗенека“ и веќе од среда ќе започне процесот на имунизација, истакна министерот за здравство.

1,046

Утрово искомуницирав со српскиот министер за здравство Златибор Лончар и побарав од него да ми даде список од наши граѓани кои се вакцинирале во Србија, рече министерот за здравство Венко Филипче и додаде дека списокот му е потребен оти планирано е нашите сограѓани кои веќе се вакцинирале во Србија да се ревакцинираат во својата земја.

– Конкретно за вакцината на „АстраЗенека“, нашиот експертски тим ја презема препораката за ревакцинацијата да се случи за три месеци. Оваа препорака е само за вакцините на „АстраЗенека“, додека, пак, за другите вакцини е препорачано ревакцинацијата да се случи по две недели. Утрово разговарав со српскиот колега Лончар и побарав од него да ми даде список од наши граѓани кои се вакцинирале во Србија. Тие што се вакцинирале таму, планирано е да се ревакцинираат дома. Апсолутно ќе имаме доволно дози за ревакцинација. Денеска завршуваат сите административни работи во Агенцијата за лекови во однос на дозволата за вакцините на „АстраЗенека“ и веќе од среда ќе започне процесот на имунизација. Вкупно 20.000 граѓани ќе добијат термини за вакцинација. Јас нема сега да се вакцнирам, ќе почекам да стигне поголема доза. А кога ќе имаме, ќе се вакцинирам со „АстраЗенека“ со цел да докажам дека е безбедна вакцината. Ги уверувам граѓаните дека сите вакцини се проверени и безбедни – рече Филипче.






На прашањето дали попишувачите ќе се вакцинираат и дали пописот ќе треба да се одложи со оглед на тоа што ќе биде потребно време за попишувачите да развијат антитела, министерот одговори дека веќе е направен план за вакцинирање на лицата кои директно ќе бидат вклучени во статистичката операција.

– Ние направивме план за попишувачите и тие ќе се вакцинираат. Државниот завод за статистика ќе ни испрати список од попишувачи кои сакаат да се вакцинираат и тој список го очекуваме денеска. Сметам дека пописот е важен процес за земјата, а во делот на одложување, тоа ќе им го оставам на политичарите. Од стручен аспект, потребен е период од две недели за да се развијат антитела – истакна Филипче.

Во делот на масовната имунизација, додаде тој, на големиот пункт во Спортската сала „Борис Трајковски“ ќе има 30 позиции и таму ќе се спроведува вакцинацијата.

– Според најавите од Кинеската амбасада, интензивно се работи за одредување датум за транспорт на кинеските вакцини во земјава. Април ќе биде месец кога ќе стигнат вакцини од повеќе места. Во однос на бониците, огромен број пациенти  во изминатиов период беа хоспитализирани. Во делот на координација со сите директори на болници каде што се лечат пациенти со ковид-19, направивме реорганизација на хируршките клиники и Клиниката за педијатрија и добивме дополнителни 100 кревети. Од утре почнува да се користи болницата во Козле каде што веќе е поставен кислород, а 30 кревети се спремни. Очекуваме наскоро да бидат подготвени вкупно 180 кревети. Сакам да им укажам на граѓаните да ги почитуваат мерките, ова е специфичен период, има доволно болнички места и нема простор за паника – рече Филипче.

На прашањето дали некој од министрите се вакцинирал со ВИП вакцина преку ред, министерот за здравство рече дека нема такво нешто.

– Ниту еден министер не е вакциниран и тоа одговорно го тврдам. Жално е што овие лажни вести потекнуваат од ВМРО-ДПМНЕ. Не најдоа ни сила ни храброст за некако да ни помогнат, но јас ги замолувам барем да не ни одмагаат – истакна министерот за здравство.

Поврзани содржини